Северна Македонија го презеде претседaвањето со Централноевропскиот договор за слободна трговија - ЦЕФТА во 2021.
Приоритетите на македонското претседателство се слободното движење на стоките, слободна трговија со услугите, отстранување на пречките во трговијата, како и институционалниот развој на ЦЕФТА структурите.
„Клучниот столб на нашето претседавање е трговијата. Овој столб има за цел олеснување на слободното движење на стоки, капитал, услуги и луѓе меѓу земјите на ЦЕФТА со цел да се овозможи просперитет и благосостојба за сите граѓани. Активност која ја наметна пандемијата е продолжување на функционирање на зелените коридори за полесно транзитирање на стоки низ регионот, како и за проширување на овие коридори кон соседните ЕУ земји“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.
Идејата е ЦЕФТА-договорот и активностите од акцискиот план за заеднички пазар да бидат темелите на претседавањето.
ЦЕФТА, покрај земјава, опфаќа уште шест држави – Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Молдавија и Косово – пазар од 18 милиони луѓе.
Целта е преку ЦЕФТА да се овозможи создавање регионален економски простор кој ќе биде чекор кон приближување кон стандардите на Европската унија која веќе најави економски план за Западен Балкан.
„Економско-инвестицискиот План на ЕУ и ЦЕФТА делат заедничка цел: подобро економски да ги интегрираат земјите од Западен Балкан, помеѓу себе и со ЕУ. Планот, исто така, става силен акцент на градењето на заеднички регионален пазар како начин за зголемување на конкурентноста на земјите од Западен Балкан. Ова е особено важно за пост-ковид економското опоравување. Целта е да се оформи заеднички пазар врз основа на ЕУ стандарди и норми“, рече Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ.
ЦЕФТА постои од средината на 1990-тите. Првично инициран од Полска, Унгарија, Словачка и Чешка, како начин за забрзана интеграција кон европските институции.
Подоцна се придружуваат и Словенија, Романија, Бугарија и Хрватска. Сите овие држави го напуштаа ЦЕФТА-договорот во моментот кога се зачленуваа во Европската унија. Сега во ЦЕФТА членки се само земјите од Западен Балкан и Молдавија.
Facebook Forum