Линкови за пристапност

Македонија во 2018-та година


Македонија во 2018-та година
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:45 0:00

Македонија во 2018-та година

Клучниот настан во годината што изминува е Договорот со Грција - процес што некои сметаат дека скапо ја чини Македонија

Годината што измина е една од одлучувачките во поновата историја на Македонија и ќе остане запаметена по решавањето на дваесет и петгодишниот спор со Грција. Се случија крупни поместувања во меѓународните односи и зајакнување на позицијата во регионот и Европа, но и стагнација во економијата и забавување на реформскиот процес особено во правосудниот систем.

Впечатокот е дека процесот на решавањето на спорот со Грција и уставните измени скапо ја чинат Македонија – од една страна следуваше стагнација во многу општествени сфери, а од друга, растеше незадоволството кај граѓаните поради селективната правда и преголемиот залак што го презеде власта за да го постигне двотретинското мнозинство за да го смени Уставот а со тоа да го отвори патот кон ЕУ и НАТО.

Клучниот настан во 2018, потпишувањето на Преспанскиот договор на 17 јуни во селото Нивици во Грција на брегот на Преспанското езеро следуваше по месеци интензивни и неизвесни преговори меѓу двете држави под покровителство на ОН и медијаторот Метју Нимиц, но и со поддршка од меѓународната јавност. Македонија се обврза на промена на името и Уставот, а Грција на прекин на блокадата на процесите за интеграција во ЕУ и НАТО.

Договорот резултираше со покана за НАТО и датум за старт на пристапни преговори со ЕУ. Но, не течеше се подмачкано како што изгледаше на почетокот, кога славенички се стави потписот на историскиот документ.

Членството во НАТО беше условено со референдум на кој граѓаните требаше да се изјаснат дали поддржуваат промена на името во Република Северна Македонија. Следуваше меѓународна дипломатска офанзива, политичката борба во Македонија се вжешти, а Владата со кампања се обиде да ги придобие граѓаните дека треба да гласаат за промена на името а на сметка на европските перспективи.

Сепак, цензусот не беше исполнет откако опозицијата одлучи да го бојкотира иако официјално тоа никогаш не го соопшти.

Следуваше процесот на измените на Уставот. Опозицијата и дел од граѓанските здруженија застанаа против организирајќи протести и блокади но владејачкото мнозинство успеа да го почне процесот.

Осум пратеници од опозицијата недостигаа за да се постигне двотретинско мнозинство. Не криејќи го политичкиот пазар при обезбедувањето на мнозинството, власта успеа да го помине првиот чекор во изгласувањето на уставните измените а тоа предизвика серија на исклучувања на долгогодишни членови на опозициската партија и обвинувања за притисоци и уцени.

Тројца од оние што гласаа за уставните измени беа амнестирани за упадот во Собранието од 27 април. Деведесет и пет пратеници кренаа рака и го изгласаа Законот за амнестија, што наиде на жестока осуда во јавноста и кај експертите. Следуваше измена на Кривичниот законик со кој се отвори патот неколкумина обвинети и осудени во предметите на СЈО, блиски до пратениците кои дадоа поддршка за измени на Уставот, да избегнат одговорност за криминалот за кој се теретат.

Овие политички чекори кои ги изоде власта со поддршка на дел од опозицијата засилено ги врати сомнежите за постоење селективна правда, избегнување одговорност и отсуство на владеење на правото.

Јавноста не поверува во убедувањата на Владата дека се работи за процес на помирување а не купување на гласови во Парламентот и дека сето ова се прави за подобра иднина која би ја чекала Македонија во ЕУ.

Во сиот овој процес на политички пазарења и неизвесност, моментот го искористи експремиерот Никола Груевски, осуден на двегодишна казна затвор за предмет на СЈО. Наместо да се јави во Истражниот затвор „Скопје“ на издржување на казната, тој успеа да избега во Будимпешта, под крајно сомнителни околности и со зачудувачка инертност кај надлежните. Два и пол месеци по бегството Владата, полицијата и судот немаат одговор како експремиерот на државата успеа да ја напушти државата, а наместо тоа, во притвор влегоа, па излегоа, неговите најблиски соработници.

И наредната 2019 година Македонија ја чекаат многу предизвици. Уште на самиот старт ќе има сериозен тест за владејачкото мнозинство бидејќи во првата половина на јануари ќе се гласа за уставните измени преку кои ќе се исполнат обврските од Договорот со Грција и ќе се смени името и Уставот на државата но и ќе се трасира патот кон НАТО и ЕУ. Во април следуваат претседателските избори на кои партиите повторно ќе ги вкрстат копјата а се` уште не се исклучува и можноста за предвремени парламентарни избори.

Во меѓувреме, најсериозен тест за македонската држава останува владеењето на правото – нешто за што се потребни сериозни реформи во институциите.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG