Линкови за пристапност

Реакции на последните изјави на црковните великодостојници


Реакции на последните изјави на црковните великодостојници
Реакции на последните изјави на црковните великодостојници

Меѓу контроверзните и оспорувани ијзави беше и ставот на поглаварот на Макдонската оправославна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, кој по свечената божиќна литургија изјави дека е „неприродно да има брак меѓу луѓе од ист пол“

„Последните изјави на поглаварот и редица високи достојници на МПЦ во врска со бракот, раѓањето, абортусот и хомосексуалноста, треба многу да не` загрижат“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, професорката д-р Мирјана Најческа од Институтот за социолошки, политички и правни истражувања од Скопје, челник на Центарот за човекови права и решавање на конфликти, по повод последните јавни настапи на религиозните лидери во држвавата. Меѓу контроверзните и оспорувани ијзави беше и ставот на поглаварот на Макдонската оправославна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, кој по свечената божиќна литургија изјави дека е „неприродно да има брак меѓу луѓе од ист пол“, како и дека „општеството, државата треба да ги згрижува хомосексуалците“, не објаснувајќи ни како ни каде.

Во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, Најческа беше децидна: „Со овие изјави отворено се дискриминира и се повикува на дискриминација кон атеистите, промоторите на човековите права, сите кои се залагаат за придобивките на современата демократија, луѓето кои имаат поинакви уверувања од оние на МПЦ“. Најческа потенцираше дека како крајно опасни ги третира изјавите како: “„Ни се нудат некакви задоволства, кои се прикажуваат како права и придобивки на современиот човек, но Црквата препознава и затоа опоменува дека тие се штетни за спасението на човекот, како и идентификувањето на грешниците како болни луѓе, против чија болест Црквата мора да се бори!“

„Засилената агресивна реторика од страна на црковните лица во последниот период укажува и на голема поддршка од власта, како во дискриминирачкото однесување, така и во разгорувањето на национал-патриотизмот кој отворено се оградува од дел од стандардите на современата демократија“, децидна е професорката Најческа, еден од најистакнатите активисти и борци за човекови права во Македонија.

Нејзината реакција е само една од бројните искажани од дел од ескпертите и од претставниците на невладините организации кои протестираа против последната иницијатива на ли­де­рите на верските заедници, чие барање се сведува на измени на членот 40 од Уставот за афирмирање и дефинирање на бра­кот како институција - „како заедница на еден маж и една жена“.

Во првата реакција на Хелсиншкиот комитет на Македонија стоеше дека и претходно имало обиди верските заедници, „во синергија со јавните настапи и акции на Владата на Македонија, своите иницијативи да ги насочуваат кон стигматизација на останатите во општеството, особено во дискриминација и поттикнување на насилството од различен вид кон ЛГБТ граѓаните, поради нивната сексуална ориентација“.

Иако верските лидери всушност одлуката ја префрлија на политичарите кои треба да се изјаснат дали Македонија ќе ги прифати новите определби од Европа кон која се стреми, или ќе ги задржи досегашните вредностите на традиционалното семејство, тие сепак остро реагираа на критиките на нивната иницијатива. Така, владиката г. Петар, митрополит Преспанско-пеллагониски изјави: „Ако се дозволи брак на маж со маж или на жена со жена, толкава либерализација, тогаш нека се женат и мажат и со овци, крави, со сите животни. Тоа нe води близу до пропаста на светот".

Додека во заедничкото ссопштение на верските лидери стоеше дека "се­мејс­тво­то, мајчинството, татковството и грижата за децата претставуваат нај­ви­со­ка морална обврска. Бракот, пак, како заедница на еден маж и една жена, пре­ку кој се формира семејството, е соочен со предизвиците за негово ре­де­фи­ни­ра­ње, спротивно на Божјите, односно на природните закони", владиката г. Петар, иницијативата на Меѓурелигискиот совет ја бранеше со аргументот дека „овие верски заедници (МПЦ-ОА, Исламската верска заедница,, Католичката црква, Еван­гел­ско-методистичка црква и на Еврејската заедница – н.з) претставуваат над 90 насто од граѓаните во Македонија, па гласот на народот е и глас Божји“.

Уште поостар беше поглаварот на МПЦ-ОА кој во својата изјава, според медуиумите користел и зборови како: изроди, циркус, мајмуни и предавници... „Замислете Господ да создал два мажи или две жени. Или да создал два машки мајмуни или два женски мајмуни, па од нив да се направеше човек. Тогаш историјата ќе траеше многу кратко. Погледнете ги тие што критикуваат. И тие имаат по неколку бракови, ама не со луѓе од ист пол. Се наметнува дека нешто на запад станало нормално, а всушност и Библијата и Коранот проповедаат дека брак е заедница на маж и жена“, изјавил г.г. Стефан.

По оваа изјава и реакциите во медиумите, кабинетот на поглаварот соопшти дека г.г. Стефан, ја посочил Дарвиновата теорија за еволуцијата само како пример дека и науката не ги поддржува хомосексуалните бракови. „Поглаварот само посочи дека и во религискиот систем и во научниот не се дозволува спојување на исто со исто. Тој даде пример како е во религијата, а како е според теоријата на еволуцијата на Чарлс Дарвин. Секако дека не ја поддржува таа теорија, зашто е црковно лице и е на чело на МПЦ-ОА’, соопштија од кабинетот на г.г. Стефан.

Полемиките околу правата на хомосексуалците во Македонија започнаа минатата година при поднесувањето на Законот за заштита од дискриминација, кога владеачките партии не дозволија сексуалната ориентација да биде и законска основа за можна дискриминација, по што следуваа критики и од ЕУ но и во домашната јавност.

XS
SM
MD
LG