Цензусот од 40 отсто во вториот круг од изборите потребен за избор на претседател на државата ќе биде укинат доколку претстојните претседателски избори не успеат, најави денеска министерката за правда Рената Дескоска. Таа зборуваше за две опции со кои би се спречиле евентуални блокади на изборниот процес но кои бараат измени во Уставот.
„Менувањето на Уставот, со цел да се олесни процесот на избор на претседател, е нешто што веќе е препорачано и од ОБСЕ односно ОДИХР. Има две опции. Едната е претседателот да се избира на непосредни избори без потребно мнозинство на излезност во вториот круг. Тоа значи кој ќе добие повеќе гласови победува и тука немате можност да минирате избори преку бојкот. Другата опција е избор на претседател во Собранието. Тоа се две различни опции кои се можни и кои постојат во компаративното право,“ изјави Дескоска.
Таа нагласи дека за ова „веќе има препорака од Венецијанска комисија која смета дека цензусот е нешто што не е соодветно и мора да биде тргнато“, а сличен став имаат и странските експерти кои сметаат дека цензусот претставува опасност за успешно спроведување на претседателските избори.
Сличен став има и премиерот Зоран Заев, кој рече дека ако не се исполни цензусот во вториот круг на изборите државата може да биде втурната во нова политичка криза. Сепак, тој нагласи дека очекува изборите да бидат успешни и дека не може да се споредуваат со референдумот.
„Јас мислам дека ќе успееме. Еве, и во најлошите сценарија, доколку некои наши големи политички актери одлучат да бојкотираат. Без големите политички чинители за референдумот постигнавме 37 %. Изборите се друга работа. За претседател е друго. Ако одлучи некој да бојкотира, треба да си го прифати ризикот – што доколу и со неговиот бојкот се постигне цензус од 40 отсто? Јас верувам дека ќе се постигне 40 отсто и секако не размислувам за бојкотот“, рече Заев.
Апсолутно сметам дека не треба да има цензус во вториот круг. Гласањето е право, а не обврска. Бојкотот се користи како политичко средство.Петар Арсовски, аналитичар
Аналитичарите исто така сметаат дека цензусот мора да се укине, бидејќи се користи како политичка алатка.
„Апсолутно сметам дека не треба да има цензус во вториот круг. Гласањето е право, а не обврска. Бојкотот се користи како политичко средство“, вели Петар Арсовски.
За аналитичарот Владимир Божиновски, цензусот е прашање кое итно мора да се реши, без разлика како ќе завршат изборите.
И да има цензус на овие избори, потоа мора да се седне и да се реши ситуацијата околу цензусот бидејќи е клучна за функционалноста на демократијата во државата.Владимир Божиновски, аналитичар
„И за претседателските избори и за референдум цензусот треба да се намали. Изборите треба да бидат афирмативни за оној кој сака да гласа. Бојкотот е политичка алатка. И да има цензус на овие избори, потоа мора да се седне и да се реши ситуацијата околу цензусот бидејќи е клучна за функционалноста на демократијата во државата“, вели тој.
Двајцата сметаат дека бојкот во вториот круг на изборите нема да има, без разлика на исходот од првиот круг.
„Бојкотот ќе има многу висока политичка цена за ВМРО - ДПМНЕ ако се одлучи на тој чекор. Реално и покрај добрите желби и надежи на опозицијата, сметам дека Пендаровски ќе води со значителна разлика, недостижна за Силјановскa. На ова би додал и дека гласовите на Река ќе одат или кај Пендаровски или пак воопшто нема да излезат и да гласаат без разлика на евентуалните политички договори“, изјави Арсовски.
Божиновски пак е убеден дека разликата меѓу двајцата кандидати нема да биде голема и дека опозициската ВМРО - ДПМНЕ нема да го бојкотира вториот круг на изборите.
„На ВМРО - ДПМНЕ не му одговара бојкот во втор круг. Тоа е пропаганда. Сите анкети покажуваат дека Силјановска и Пендаровски ќе бидат во бројот на освоените гласови во првиот круг. Мислам дека гласачите кои ќе го поддржат Река нема да гласаат во вториот круг, а и доколку го сторат тоа ќе ја поддржат Силјановска. Исто така, можно е и доколку е мала разликата меѓу кандидатите и гласачите кои отворено заговараат бојкот на изборите да се премислат и да излезат да гласаат во вториот круг, а тие гласови одат за Силјановска“, рече Божиновски, додавајќи дека евентуалниот неуспех на изборите и брзо распишување на нови ќе доведе до уште помал одзив поради демотивација на гласачите.
Доколку се потребни уставни измени тие ќе се однесуваат на членот 81 од Уставот кој зборува за претседателските избори, и каде стои дека „за претседател е избран кандидатот кој во вториот круг добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40 проценти од гласачите. Доколку и во вториот круг од гласањето ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка“.
Според постојните законски прописи за првиот круг на претседателските избори не е потребен цензус, додека за вториот круг од изборите, во кој одат двајца кандидати со освоени најголем број гласови од првиот круг, е потребна излезност од 40 отсто или 723.253 од вкупно 1.808.131 гласачи запишани во Избирачкиот список.
Facebook Forum