Линкови за пристапност

Американски грант за тетовската џамија


Американски грант за тетовската џамија
Американски грант за тетовската џамија

Со 95.000 долари ќе се реставрира колоритната фасада на надалеку познатата тетовска Шарена џамија, во центарот на градот.

Објектот изграден во 15 век, се вбројува меѓу најголемите недвижни културни национални богатства на Македонија заштитена со закон уште пред 60 години.

Договорот го потпишаа новиот амбасадор на САД во Макеоднија Пол Волерс и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска. Според амбасадорот Волерс, ова е најголемиот американски грант што годинава се доделува во Европа, а е обезбедна од Амбасадорскиот фонд за културна заштита - Програма финансирана од Стејт департментот.

„Од 2001 година до денес преку Амбасадорскиот фонд со големо задоволство поддржавме 10 проекти во Македонија со вкупен износ од над еден милион долари. Се надеваме дека овие проекти ја симболизираат нашата длабока почит кон уметничките и културните традиции од минатото, како и нашата безрезервна посветеност за зачувување на овие богатства за идните генерации. Годинашниот грант од 94.700 американски долари е еден од најголемите за оваа година во цела Европа“, изјави г-динот Волерс.

За министерката Канческа Милевска грантот е начин да се обезбеди долговечност на овој репрезентативен споменик на архитектурата и сликарството од османлискиот период.

„Нејзината монументалност и значење пред се се препознаваат во специфичната надворешна и внатрешна декорација, израз на врвната мајсторија на искусни мајстори од Дебар. Декорацијата на џамијата е живописна, уникатна и впечатлива изведена со безброј стилизирани орнаменти и блескави арабески... Особено внимание привлекува пејзажот со претстава на Мека кој е единствен пример на претставување на ова светилиште на Балканот“, рече министерката Канческа-Милевска.

Но уште поважно според неа е иницијативата на Амбасадата на САД во Скопје за вложување средства за реставрација на фасадата на овој објект, а грантот е круна на еднодецениската соработка меѓу Македонија и САД на полето на заштитата на културното наследство.

Инаку ова е втор грант за реставрирање на објект во Тетово. Во 2005 година амбасадата со 36.000 долари ја финансираше заштитата и пренамената на турската бања во Национална галерија.

XS
SM
MD
LG