Линкови за пристапност

Љубов во дигитална ера


Љубов во дигитална ера
Љубов во дигитална ера

Денеска, кога светот брзо се движи, има повеќе начини за комуникации од кога било порано. Електронска пошта, текстуални пораки, Фејсбук, Твитер и други видови социјални медиуми. Стручњаци за односи меѓу луѓето велат дека таквите врски можат да ја поттикнат страста и дека веќе го промениле начинот на кој луѓето се забавуваат и се вљубуваат. Но, технологијата може да придонесе луѓето и да се – одљубат.

Дигиталните врски ја променија играта. Еве што велат две жени од Њујорк:

„Флертуваме поотворено и почесто. Решивме да истражиме како одат љубовните врски со овие нови форми на комуникација, за што напишавме книга“.

Тие две жени се Дебра Голдстаин и Оливија Банашевиц . Нивната книга е со наслов „Flirtexting“ и има поднаслов „Како со текстуални пораки да стигнеш до неговото срце“. Интервјуирале десетици луѓе да откријат што мислат за флертување преку текстирање.

„Тоа стана згоден начин луѓето да се поврзат во живот со брзо темпо. Освен тоа, го елиминира факторот на срамежливост. Прави многу луѓе да кажат нешта кои нормално не би ги кажале. Ако сте во врска со некого што е далеку, тоа е начин да останете поврзани“, велат тие.

Дејвид Колман е експерт за односи меѓу мажи и жени и тој се согласува:

„Сепак, дури и со работи како Скајп или разговор на интернет во реално време, преку телефон или со текстуални пораки – односи на големи далечени често не успеваат. Навистина ни недостига присуството на другата личност. Се разбира, може да ја видиме на екран, може да ја одржуваме страста на тој начин, но ни треба физичкото присуство на другиот“.

Тој додава дека технологијата го револуционизирала и начинот на кој луѓето се среќаваат.

„Можете да откриете информации за некого на Гугл, да одите на Фејсбук и Линктин, на Твитер може да најдете многу за луѓето уште пред да го кажете првото„здраво“. Веќе нема состаноци на слепо, освен за оние кои тотално се исклучиле од светот на социјални медиуми“.

Затоа, вели Колман, луѓето треба да бидат внимателни за имиџот што за себе го креираат он-лајн.

„Ако одите на веб-страници на многу млади жени на Фејсбук, тие таму ставаат провокативни работи. Мора да бидете внимателни какви слики ставате. Никогаш не давајте ја својата домашна адреса. Не знаете кој го гледа вашиот профил. “

Љубовниците, вели тој, исто така треба да знаат дека и-меил и текстуални пораки можат да бидат меч со две острици.

„Да речеме дека велам – Не сакам повеќе да бидам со тебе. Раскинуваме. – и тоа го испратам. Лицето што ја добива таа порака може да ја чита безброј пати. Колку повеќе ја чита, толку полуто може да станува. Но ова функционира и во другата насока. Ако напишете – Те сакам, те сакам, те сакам. – и тоа може да се чита безброј пати“.

Имајќи го сето тоа предвид, авторите на „Flirtexting“ направиле прирачник, што може, а што не треба да се прави во овој домен.

„Ако некој ви испрати порака, не мора веднаш да одговорите. Многу момчиња што ги интервјуиравме велат дека времето на одговор многу зборува за девојките. Скратеници не употребувајте ако сакате состанок. Изразувајте се со цели зборови, да биде јасно што сакате да кажете. И само затоа што тоа е достапно 24 часа на ден, не значи дека треба да го правите тоа 24 часа."

Имајте здрав баланс на се`, во текстирање, на Фејсбук и на Твитер. Тоа е начин да ја засилите врската преку ден. Се` треба да користите умерено“, вели Банашевиц.

Авторите на книгата додаваат – иако текстирањето е згодно, сепак напишете љубовно писмо, или испратете картичка со стихови. Тоа на денешната модерна комуникација и` дава личен печат што порака на Фејсбук не може да и` конкурира.

XS
SM
MD
LG