„Поради исклучивите политики на досегашната власт, која не водеше доволно грижа за човековите права генерално, ЛГБТИ лицата во Македонија особено беа и се на удар, и перманентно се повредуваат нивните човекови права. Со денешното потпишување на Меморандумот со Народниот правобранител, се надевам дека ќе успееме да ја зајакнеме јавната свест во Македонија и да влијаеме на подобрување на состојбата со почитувањето на правата на ЛГБТИ - лицата. Мора да се истакне дека и ЛГБТИ правата се човекови права!“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија, Уранија Пировска, по денешното потпишување на Меморандумот за соработка меѓу Хелсиншкиот комитет за човекови права, ЛГБТИ-Центарот за поддршка и Народниот правобранител на Македонија.
Со Меморандумот се очекува да се зајакнат регионалните капацитети на Народниот правобранител во областа на човековите права и слободи на ЛГБТИ лицата. Соработката е дел од проектот за подобрување на статусот на ЛГБТИ луѓето во Република Македонија, поддржан од УСАИД, што започна во септември, и ќе трае до март 2018 година.
Пировска изрази особена благодарност до Амбасадата на САД и до УСАИД за поддршката за спроведување на проектот кој, според неа, е особено значаен поради статусот на ЛГБТИ-заедницата во Македонија.
„Јавноста во Македонија мора да знае дека во последните пет години, откако функционира ЛГБТИ – Центарот за поддршка, нападите врз ЛГБТИ заедница се засилени! Дел од нападите беа и особено сериозни, и посегнуваа и по физичкиот интегритет на нападнатите. За жал, поради начинот на кој досега се спроведуваше власта во Македонија, создаден е феномен на неказнивост. Напаѓачите и сторителите вандалски чинови и на загрозувањата на припадниците на ЛГБТИ заедницата, не се пронајдени! Со тоа, само се зголеми несигурноста на ЛГБТИ лицата во Македонија, кои постојано се чувствуваат загрозени и незаштитени како граѓани“, изјави Пировска за Гласот на Америка на македонски јазик.
Омбудсманот Иџет Мемети изјави дека со потпишувањето на Меморандумот „се обврзуваме дека континуирано ќе вложуваме напори во насока на надминување на хомофобијата и трансфобијата, како и на спречување и заштита од дискриминација, на спречување на говор на омраза и дела од омраза“.
На потпишувањето беше присутен и амбасадорот на САД, Џес Бејли, според кого е неопходно да се создаде амбиент на толеранција и почит за сите луѓе, и за ЛГБТИ заедницата и за застапниците и заштитниците на нивните права.
„Мораме да ја обезбедиме партиципацијата во општеството на оние кои традиционално биле жртви на дискриминаторски практики или полицијата. Во Македонија, народниот правобранител игра важна улога во промоција и заштита на човековите права на сите граѓани. Потпишувањето на Меморандумот за соработка со Проектот на УСАИД за подобрување на статусот на ЛГБТИ лицата е уште еден пример за вашата заложба за поддршка на имплементација на меѓународните стандарди за човекови права во Македонија“, рече Бејли.
По повод потпишувањето на Меморандумот, претставникот на ЛГБТ- Центарот за поддршка, Кочо Андоновски, во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик ја потенцираше недовербата на ЛГБТИ заедницата кон институциите на системот:
„Последното истражување кое ЛГБТИ-Центарот за поддршка го спроведе меѓу самите ЛГБТИ луѓе, ни укажа на загрижувачка недоверба кон институциите на државата. Повеќе од 55 проценти не веруваат дека државните институции ќе ги заштитат нивните права или дека ќе им помогнат да ги остварат!“
Според Андоновски, проектот на УСАИД за подобрување на статусот на ЛГБТИ луѓето, е одговор токму на овие трендови:
„Заедно со нашите партнери, Колицијата за сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници и ЛГБТ Јунајтед од Тетово, во следниот период ќе реализираме активности од три компоненти на Проектот, а потпишувањето на Меморандумот со Народниот правобранител е дел од компонентата која директно ги поддржува ЛГБТИ луѓето вон Скопје, во помалите градови и кај помалите етнички заедници. Охрабрени сме од отвореноста и од подготвеноста на Народниот правобранител да работи со нас и се надеваме дека ова ќе биде пример и за другите институции на државата“, изјави Андоновски за Гласот на Америка на македонски јазик.