Линкови за пристапност

Заштита на ЛГБТ-популацијата


Активисти во Македонија бараат медиумите да препознаваат дискриминација, а не да ја засилуваат.

ЛГБТ Центарот за поддршка, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, деновиве повторно реагираа поради сеењето омраза против лицата со друга сексуална ориентација и поради несоодветниот одговор на власта чии институции, според овие организации, ги премолчуваат таквите случаи и не реагираат адекватно на повеќекратното насилство врз ЛГБТ-лицата и врз активисти и организации за правата на овие лица.

Според активистите за човекови права и правата на маргинализираните заедници, дури и во извештаите за немирите во саботата на 2-ри март, кога стотици демонстранти дивееја низ Скопје, медиумите, но и Министерството за внатрешни работи, воопшто не спомнале дека била направена штета во ЛГБТ Центарот за поддршка во Старата чаршија. Тоа, според нив, се совпаѓа со начинот на кој дел од медиумите редовно известуваат за маргинализираните заедници - преку говор на омраза, стигматизација или игнорирање.

Активистите упатија повик до македонските власти да ги преземат сите мерки за заштита на ЛГБТ-лицата од насилство и од говор на омраза и повикување на насилство, како и да ги изведат пред лицето на правдата досегашните сторители на дела насочени против припадници, поддржувачи и организации на ЛГБТ-лицата во Република Македонија. Тие ја обвинуваат Владата и провладините медиуми за хомофобична кампања и за „распламтување на говорот на омраза врз основа на сексуалната ориентација“.

Активистите неодамна реагираа на текстот во Вечер со наслов „ Има ли хомосексуалци меѓу новинарите?!“, во кој беа обвинети дел од македонските новинари дека се вклучиле во кампањата за геј-парада во Скопје, а покрај имињата и фотографиите на тројца уредници во македонски медиуми, кои беа посочени како геј-лица, беа повикани и читателите да „посочат имиња на новинари кај кои забележале вакви појави и евентуално да ни пренесат нивни искуства“.

Истиот весник беше наведен и во сопштението на хрватската организација „Загреб прајд“, која реагираше во една претходна прилика, поради објавувањето на неговата „скандалозна насловна страница која го навредува неотуѓивото достоинство на ЛГБТ популацијата и придонесува на севкупната атмосфера на линч“ во Македонија.

Македонските власти, пак, чии претставници ретко настапуваат во јавноста со ставови за ЛГБТ-популацијата, предвидоа 29.580.000 денари (480.989 евра) од Буџетот за снимање нови рекламни спотови за промоција на семејните вредности. Генералниот секретаријат на Владата во јануари годинава склучи шест договори со шест различни фирми за осмислување и реализација на кампања за промоција на семејните вредности.

Младиот конзервативен политичар и пратеник Влатко Ѓорчев, во колумната „Бракот и децата и новите диктатори“ во „Дневник“, уште пред две години, бранејќи ги семејните вредности кои ги промовира и пропагира владеачката ВМРО-ДПМНЕ која се декларира како демохристијанска, ги обвини застапниците на ставот за легализација на геј-браковите дека се нови тоталитаристи и дека „целта на Сорос-дружината“ (невладиниот сектор – н.з) „е редифинирање на бракот, односно легализација на хомосексуалните бракови. После тоа, истите легализирани хомосексуални бракови во името на „рамноправноста“ ќе треба да посвојуваат деца. Новите тоталитаристи велат дека промовирањето на семејните вредности е „ширење на нетрпеливоста“?! „Говор на омраза“ е ако се каже дека бракот е заедница на еден маж и една жена? Каде се правата на децата без родители да имаат и мајка и татко? Зошто самохраните родители не се доволно добри за подигање на децата, туку предноста треба да им се даде на хомосексуалните двојки?“, пишуваше Ѓорчев во 2011-та.

Уште пред неколку години, тогашниот главен уредник на Вечер, Драган Павловиќ Латас, во текст во весникот беше пренесен со следниов став: „Ги молам п... (целиот збор изоставен од Гласот на Америка на македонски) да бидат толерантни и да разберат дека имам право на став - да не ги сакам п...“ (целиот збор изоставен од Гласот на Америка на македонски).

Според активистите за човекови права и за правата на маргинализираните групи, иако медиумите со својата улога во општеството можат да придонесат во борбата против маргинализирањето на обесправените категории на граѓани, во Македонија ситуацијата е сосема поинаква. Активистите тврдат дека дел од медиумите не само што често не ја препознаваат дискриминацијата, туку, одделни медиуми некогаш и ја засилуваат.

Неодамна во Скопје беше промовиран прирачникот „Медиумите, говорот на омраза и маргинализираните заедници: Водич за медиуми“, изработен од Жарко Трајановски, Тамара Чаусидис и Роберто Беличанец, чии препораки се обид за нивни придонес за покоректно и попрофесионално новинарство.

Прирачникот е издание на колицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, во кое се наведени примери од македонските медиуми: сензационалистички текстови и прилози со кои се прекршуваат правата на одредени групи граѓани и се поттикнува стравот од нив и омразата на јавноста кон нив.

На промоцијата на изданието, едниот од авторите, Жарко Трајановски, потенцираше дека покрај распламтувањето на говорот на омраза врз основа на сексуалната ориентација, во Македонија се забележува и неетичко информирање и дискриминација при известувањето за лицата со ХИВ, за сексуалните работнички или за корисниците на дроги, со враќање во употреба на стереотипите од претходните децении, со што и тие се криминализираат и сегрегираат од општеството.

На останатите двајца автори на прирачникот, Гласот на Америка на македонски јазик им го постави прашањето: зошто на македонските медиуми (сопствениците на медиумите, уредниците и новинарите) им е потребен ваков Водич?

„Водичот им е потребен за да се потсетат прво на основите на тоа што е новинарство и која е неговата улога во општеството, но најмногу, заради доминацијата на патријархалниот општествен дискурс што се пресликува во медиумските содржини. А тој е дискриминаторен кон се` што не машко. Значи, нашите медиуми вријат од говор на омраза кој најчесто дури е несвесен, затоа што произлегува од таа култура. Некои од медиумите не се невини ни по прашањето на намерна дискриминација, со која ја шокираат публиката, само за да привлечат внимание!“, вели Роберто Беличанец од невладината организација Центар за развој на медиуми.

Според Тамара Чаусидис, претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, водичот е потребен „генерално: затоа што медиумската заедница (сопствениците, уредниците, новинарите...) носат дел од одговорноста што денес функционираме во етички несензибилизирана средина и ѝ се обраќаме на јавност која има ниско ниво на медиумска писменост“.

„Расипан ни е моралниот компас, јавноста реагира на дразби и со време развива имунитет - па дразбите се се` посилни, повулгарни, неетични, а реакциите се` послаби, млитави, неефикасни и најчесто воопшто и ги нема. Како резултат, ни се случува драматичен пад на пристојноста и човечноста, загубивме сочуство кон другиот, кон послабиот, кон немоќниот. Одредена јавна реакција сега може да предизвика само екстремна ситуација, но и тогаш реакцијата е некритичка, без супстанца, само на ниво на импулс. Со други зборови, живееме во сурова заедница во која маргинализираните дополнително медиумски се маргинализираат, со игнорирање или со негативно портретирање, со подбив и понижување. Постојано се откриваат нови групации кон кои се фокусира медиумскиот линч (речиси секој може да ги добие своите „две минути омраза“ како што е тоа во романот „1984“ на Џорџ Орвел). Таквиот однос е неспоив со суштината на одговорното и професионално новинарство. Затоа, професијата мора да најде начин да се одбрани, да се дистанцира од медиумските содржини кои не деградираат сите заедно! Мора да и` се објасни на јавноста што е, а што не е новинарство, за таа да може и да умее да препознае пропаганда, говор на омраза, злоупотреба... За тоа мора да се проговори и да се говори, погласно и похрабро. Оваа публикација е дел од таквиот напор“, изјави Чаусидис за Гласот на Америка на македонски.

Дали кампањите на власта за семејни вредности можеби се истовремено и параван за прикривање на стравот од непознатото и поинаквото? Кога во Македонија ќе има кампања за почитување на достоинството на единката?

Беличанец вели: „Промоцијата на семејните вредности е американски наратив, кој сега се трансплантира во Македонија. Традиционалното македонско семејство, како и сите балкански семејства, е најчесто патријархално, групно семејство, чии односи најдобро ги опишува Канонот на Лек Дукаѓини и тоа е тотално надвор од современиот живот, затоа што е својствено за екстензивни средновековни земјоделски структури. Таму имате еден Pater Familias кој располага со имотот и животите на сите членови во семејството и се во него е подредено на неговите интереси. Дури и американскиот наратив кој инсистира на базично семејство (мајка, татко, деца) е наратив кој е супресивен за интересите на единките во таквото семејство и форсира малограѓанска идила што не постои во реалноста. Затоа што, особено во Америка денес, тоа е невозможно да се постигне заради големиот економски притисок што семејството го трпи. Значи, наместо приказна за личен избор, лична еманципација на единката, родова рамноправност, слобода да се одлучува за своето тело и за својот начин на живот, нам ќе ни се подметнува еден апдејтиран средновековен модел на мини-господари во фамилиите, кој потоа ќе се пресликува и на ниво на општеството, каде што исто така, по аналогија, ќе си има еден Pater Familias кој одлучува за сите и се грижи за сите. Мислам дека демократскиот дефицит кај нас произлегува од оваа матрица на Pater Familias, пресликана во општествени рамки, а форсирана од сите власти досега. Затоа, ние се нешто очекуваме од Владата и од власта, да се грижи за нас, да не гали, да не храни, а кога не тепа - тоа за наше добро го прави. Тие “семејни вредности“ одат само кон зацврснување на оваа приказна“.

Чаусидис, пак одговара: „Постојат разни теории за конзервативното како израз на стравување. За некои психолози станува збор за страв од непознатото, други пак, (Карл Густав Јунг, Фројд) сметаат дека станува збор за страв од откривање на потиснатиот дел од личноста кој е спротивен од воспитувањето или од она што се нарекува општествено посакувано однесување. Во затворени општества кои осудуваат, казнуваат и дискриминираат се` што се разликува од просечното, тоа стравување преминува во отворена омраза кон секого и се` што е поинакво, како начин на одбрана и дополнително затскривање на сопствената „различност“. Настрана од теоријата, со голо око се гледа дека ние функционираме во извонредно фобична култура - постојано пронаоѓаме непријатели, „поинакви“, се делиме на „ние“ и „вие“. Овој тренд во последно време добива стравично забрзување. Делбите се мултиплицираат, а медиумите се алатка на таа валкана борба против „поинаквите“ во секоја смисла. Сакам да верувам дека станува збор за една, за волја на вистината, многу лоша фаза, едно горчливо искуство кое како општество, но и како професија одговорна за креирањето на јавното мислење, мораме да ја поминеме, за преку сопствено искуство, што се вели - на своја кожа, да направиме разлика меѓу новинарството и медиумскиот терор, меѓу новинарството и популистичките кампањи кои под превезот на традиционалното, ја јакнат дискриминацијата наспроти вредноста на почитувањето на достоинството на единката. Колку ќе трае таа фаза? Па, додека не научиме!“.

Минатиот месец, реагираше и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија, потенцирајќи во своето соппштение дека „заштитата на правото на слободата на изразување не подразбира заштита на говорот на омраза, ниту пак заштита на изразувањата кои поттикнуваат на омраза и насилство“.

„Ги повикуваме Владата и Собранието на Република Македонија конечно да ја препознаат потребата од вклучување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за говор на омраза и злосторства во Кривичниот Законик на Република Македонија, што би претставувало почеток на остварувањето на принципот на почитување на различностите, кој треба да претставува еден од основните принципи на една демократска држава. Исто така, апелираме до граѓаните на Република Македонија да не учествуваат во активности кои ќе дадат легитимитет на омразата што се обидуваат да ја поттикнат определени медиуми, поради тоа што секој кој ќе придонесе кон повикот, станува директен соучесник во овие дела“, стои во соопштението на ХКМ.

Здружението на лезбејки, геј, бисексуалци/ки и трансродни лица „ЛГБТ Јунајтед“, пак, деновиве им упати апел на политичките партии, за време на предизборните кампањи да се воздржат од ширење говор на омраза базиран на сексуалната ориентација и на родовиот идентитет.

„Ние како организација со сите наши капацитети и сите наши членови и активисти, секаде низ Македонија активно ќе бидеме присутни на промоците на кандидатите за градоначалници и со тоа одблиску ќе ги следиме нивните предизборни кампањи и претстојните локални избори, посебно по прашањата на сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Ги замолуваме политичките партии, за време на локалните избори да не користат каков било говор на омраза, а особено говор на омраза базиран на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, бидејќи со тоа би ги навредиле и своите гласачи. Исто така, Здружението на лезбејки, геј, бисексуалци/ки и трансродни лица „ЛГБТ Јунајтед“ ги повикува сите политички парти да заземат став за официјална поддршка на правата на ЛГБТ луѓето во Македонија“, се вели во соопштението на Здружението.
XS
SM
MD
LG