Линкови за пристапност

Леб, месо, сирење, ориз, овошје и зеленчук: Владата ја усвои листата на прехранбени продукти што поевтинуваат


Bread in a market
Bread in a market

Станува збор за дваесет и пет категории прехранбени производи, а цените се однесуваат на сите производи без разлика дали се од домашно производство или увоз. Референтната цена е од 1 август и ќе биде намалена за 10 отсто, а одлуката е на сила до 30 ноември.

СКОПЈЕ – Бел и полубел леб, дел од јунешкото и свинското месо, мелено месо, свежо и замрзнато пиле, дел од сувомесните производи, тестенини, наполитанки и бисквити, јогурт, млеко, кисело млеко, кравјо и мешано сирење, јајца, овошје и зеленчук.

Ова се дел од категориите кои се најдоа на листата на основни прехранбени производи кои од утре или најдоцна четврток ќе се продаваат по пониски цени а до нив ќе има ознака „гарантирана цена“.

Министерот за економија Крешник Бектеши, соопшти дека одлуката стапува на сила по објавување во „Службен Весник“, ќе биде на сила до 30 ноември. Кога станува збор за цените по кои ќе се продаваат Бектеши е дециден – 10 отсто пониско од цената на продуктот на 1 август.

„Намалување на цените на овие 25 категории производи нема да има за постојните, туку за цените што ги имале на 1 август годинава. Тие цени од 1 август дополнително треба да бидат намалени за минимум 10 отсто. Доколку од 1 август досега биле драстично зголемени цените за некој од овие производи тоа би можело да значи намалување на цената и за 30 до 40 отсто. Трговците за вршење дејност производство и трговија на големо за овие производи треба да одобруваат рабат и други надоместоци кон трговците на мало во висина до 5 отсто и не повеќе“, изјави министерот Бектеши.

За да се спречи евентуален недостаток од прехранбените производи кои се на листата, во одлуката на Владата стои дека производителите и дистрибутерите се должни да достават најмалку 70 отсто од количината на производите кои во август биле на рафтовите во маркетите и продавниците.

Законски измени ќе има и во делот на ингеренциите на пазарните инспектори и тие ќе можат доколку затекнат трговец кој не ги почитува мерките да го затворат. Контролите веќе се најавени во текот на неделава.

Со оваа мерка министерот за економија очекува дека ќе се намали стапката на инфлација на производите на храна која ќе падне на 4 или 5 отсто.

Она на што граѓаните најмногу реагираа, укинувањето на акции, ќе биде делумно и со пониска цена од веќе намалената ќе може да се продаваат само продуктите чиј рок е пред истекување.

XS
SM
MD
LG