Линкови за пристапност

Косовските новинари протестираат против владиното суспендирање на приватна телевизија


Одлуката на косовската влада да ја одземе лиценцата за деловно работење на еден од водечките медиуми во земјата предизвика критики и протести.

Спорот се фокусира на документите за регистрација на бизнис на радиодифузерот Клан Косова, за кои властите велат дека се во спротивност со Уставот.

Но, аналитичарите велат дека потегот за одземање на деловната лиценца е во спротивност со законите кои ги регулираат корпоративните активности и ја истакнаа загриженоста во врска со акцијата против медиум кој се смета за критички настроен кон владата.

Одлуката може да се обжали на суд.

Денес, Клан Косова, еден од најголемите радиодифузери во приватна сопственост, остана во етерот.

Владата соопшти дека при регистрацијата на бизнисот, сопствениците на Клан Косова ги именувале општините во Косово како да припаѓаат на Србија.

Копија од потврдата за регистрација на компанијата што ја доби Гласот на Америка покажува дека станицата сега е регистрирана со адреса на Косово.

Станицата соопшти дека ги променила деловните документи и од 20 јуни, го навела Косово во сите свои записи на барање на Независната комисија за медиуми, регулаторното тело за медиуми во земјата.

Косово ја прогласи својата независност во 2008 година и е признато од САД и поголемиот дел од Европа.

Но, Србија не го признава Косово и тврди дека е дел од нејзината територија.

Тензиите меѓу двете може да бидат високи.

Косовскиот премиер Албин Курти ги отфрли критиките за одлуката на неговата влада за Клан Косова.

„Слободата на медиумите е од витално значење: нападот врз нив е напад врз демократијата. Но, демократијата е нападната и кога моќните бизнисмени го прекршуваат законот за финансиска добивка. И спроведувањето на законот против прекршувањата на таквите луѓе - на кој било начин - не претставува напад на слободата на медиумите“, напиша Курти во саботата на социјалните мрежи.

Арди Шита, косовски трговски адвокат, рече дека одлуката на владата е во спротивност со законот што ги регулира корпорациите.

„Тука имаме сериозен проблем со толкувањето и спроведувањето на законските одредби за корпорациите“, изјави тој за Гласот на Америка.

Здружението на новинари на Косово соопшти дека е вознемирено поради, како што ја опиша, „политички мотивирана“ одлука.

Клан Косова се смета за критичен кон владата.

„Ова е првпат да се донесе одлука за затворање на медиум од крајот на војната“, се вели во соопштението на здружението.

Амбасадите на САД, Велика Британија, Франција, Германија и Италија, сите изразија загриженост, нарекувајќи ја „несразмерна одлука што ќе има реперкусии врз медиумската плуралност“.

Меѓународните набљудувачи на медиумите, исто така, рекоа дека се загрижени од овој потег.

„Сметаме дека суспензијата на лиценцата на медиум, што може да доведе до одземање на дозволата за емитување, е екстремна мерка и треба да се преземе само во вонредни околности“, изјави за Гласот на Америка Атила Монг, претставник за Европа во Комитетот за заштита на новинарите.

Амбасадорот на САД во Косово Џефри Ховениер, вчера рече дека се надева на „транспарентно, правично и брзо“ решение на спорот.

„Секогаш кога владата ќе донесе одлука што може да влијае на способноста на медиумите да емитуваат програма, барем тоа треба да се направи по многу внимателно разгледување и како последно средство, бидејќи слободата на медиумите е многу важна“, им рече тој на новинарите во главниот град Приштина.

Курти во саботата тврдеше дека „следењето на правилата за регистрација е законска должност, а не „техника“.

„Спроведувањето на такви правила против еден прекршител ништо не го загрозува медиумскиот плурализам“, рече тој на социјалните мрежи.

Но, Илир Ибрахими од Косовскиот бизнис клуб, независен ентитет кој се залага за инвестиции во Косово, рече дека таквите потези може да им наштетат на економските перспективи на земјата.

„Главниот проблем со кој се соочува економијата на Косово се внатрешните напади врз неа од владата. Ако овие големи корпорации заминат и решат да инвестираат на друго место ... тогаш економијата на Косово ќе пропадне“, изјави тој за Гласот на Америка.

Додека новинарите во Косово маршираа кон зградата на владата во Приштина во понеделникот држејќи транспарент на кој пишуваше „Демократијата умира во темнина“, главниот уредник на Клан Косова Газменд Сила, рече дека компанијата ќе го поднесе предметот пред судовите.

„Ние силно веруваме во правдата и силно веруваме дека судовите нема да потпаднат под влијание на владата или ничие друго“, рече Сила.

Едлира Блаца од Приштина и Исак Рамадани од Скопје придонесоа за овој извештај, кој произлезе во албанската редакција на Гласот на Америка

XS
SM
MD
LG