Линкови за пристапност

Клуч за дел од училиштата низ селата: Ученици од едни, ќе се селат во други училишта


Оптимизација на училишната мрежа се подготвува поради намален број ученици во руралните средини. Фотографија: StoryBlocks
Оптимизација на училишната мрежа се подготвува поради намален број ученици во руралните средини. Фотографија: StoryBlocks

Овој септември во училишните клупи ќе седнат речиси 600 првачиња помалку од минатата година. Училиштата во кои има по само неколку ученика и кои се во близина на други поголеми училишта, ќе се затвораат, за да се намалат трошоците.

Македонските училишта сè повеќе се празнат. За тоа говори бројката на запишани првачиња, кои од септември треба да седнат во училишните клупи, кој е за 580 помалку во однос на минатата учебна година. Односно 17.208, наспроти ланските 17.782. Поради ваквата ситуација државата ќе ја оптимизира училишната мрежа, што ќе значи затворање на дел од училиштата.

„Проектот за оптимизација на училишната мрежа во земјава е во тек, се реализира заедно со УНИЦЕФ и Светска банка. По целосно завршување на анализата, ќе споделиме повеќе информации“, соопштија од Министерството за образование.

Оптимизација на училишната мрежа поради намален број ученици
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:28 0:00

Министерката за образование, Весна Јаневска, неодамна објасни за што станува збор. Тоа се училишта кои се наоѓаат во руралните средини, а кои се товар на државата, бидејќи за нив редно и сега се плаќаат месечните трошоци, вели таа.

Има одредени региони и училишта кои секако не треба да бидат затворени, се на голема оддалеченост, планински се, тие ќе си опстојат
Весна Јаневска, Министерка за образование

„Има одредени региони и училишта кои секако не треба да бидат затворени, се на голема оддалеченост, планински се, тие ќе си опстојат. Но овие што се на два километра едно до друго и едното е централно училиште во кое има стотина деца, а во подрачното има две до три деца, тогаш грев е децата да не се приклучат на другарите во централното училиште“, објаснува министерката за образование.

А намалувањето на бројот на ученици со себе ќе повлече и други последици.

„Факт е дека ова нема да се одрази само врз учениците, туку ќе биде и кон наставниците, бидејќи тие кои предаваат во одделенска настава од прво до петто одделение, ќе немаат ученици и ќе мора во иднина да го напуштат своето работно место“, вели наставникот од Струга, Зини Јусуфи.

Сето ова е резултат вели Јусуфи не само на масовното иселување во странство туку и на намалениот наталитет.

„Во училиштето ‘Екрем Јакупи’ во село Корошишта, каде работев 40 години, во тоа училиште јас сум затекнал до 615 ученици. Сега оваа година бројката е до 100 ученици. Единствено може да се реши проблемот, ако ја стопираме миграцијата, може да ја спасиме државата и да ги спасиме и училиштата“, вели Јусуфи.

Поради заминување од државата, се случува ученици да се отпишуваат од училиштата среде учебна година.

„Имаме доста ученици кои се испишуваат. Во нашето училиште секоја година имаме континуирано, независно дали е јануари, февруари или јуни. Секој во оној период кога се снашол да замине надвор од државата, си заминува. Заминуваат и добро ситуирани луѓе од државата“, вели Марина Ѓоргоска, директорка на основното училиште „Христо Узунов“, во Охрид.

Министерката Јаневска, смета дека со припојувањето на одредени училишта, најмногу ќе добијат учениците, кои учат таму.

„Тие деца кои се по пет, шест, седум во одредено село и тие се изолирани од останатите свои врсници. Немаат информации за надворешниот свет и немаат можност да се социјализираат. Да видат ‘смарт’ табла, да се видат модерно ново училиште, да се натпреваруваат со децата од својата генерација“, објаснува министерката Јаневска.

Податоците кои Државниот завод за статистика ги објави неодамна покажуваат дека за една година катанец на врата е ставен на 14 основни училишта во државата. За пет години биле затворени 45 училиште. Бројот на ученици во основните училишта е намален за 1,4 отсто, а во средните за 3,9.

XS
SM
MD
LG