Безбедноста на новинарите во Северна Македонија се` уште e кршлива, алармираат од Здружението на новинари.
Според првиот човек на ЗНМ Младен Чадиковски, и овој изборен циклус покажал дека во земјава многу често новинарите се изложени на притисоци, закани, вербални напади, па дури и физички напади. За тоа, вели тој, има повеќе причини.
„Пред се` тоа е неказнивоста на напаѓачите, нешто на што ние апелираме и зборуваме со години. Тука има три пунктови кои се важни. Едно е МВР, друго е Обвинителството и трето се судовите. Во овој триаголник, секогаш се губи некаде онаа политичка волја за да се завршат процесите кои се водат против напаѓачите на новинарите“, вели Чадиковски.
Со таква ситуација се соочиле новинарките Ферихан Иљази и Џумадије Ибриами.
„Мене ми се случи на денот на локалните избори од првиот круг, каде што се соочив и со вербални напади и од страна на полицајци, но, и од страна на изборна комисија, кои што наместо да соработуваат со нас не` напаѓаат. Тоа значи дека новинарите секојдневно се соочуваат со вакви помали инциденти, кои што во глобала ќе ја дадат точната слика, дека не е доволно безбедно и дека не е доволно исплатливо да се биде новинар во Северна Македонија“, вели Ферикан Иљази, новинарка за Еуроњуз -Албанија.
Џумадије Ибраими, новинарка во ТВ Клан вели дека е загрижувачки што нападите доаѓаат од политички претставници и од други центри на моќта.
„Еден бивш кандидат за градоначалник во текот на изборната кампања неосновано ме обвинуваше. И покрај сите реакции, тој не покажа доблест да се извини. Кога е во прашање јавниот интерес со сите сили ќе ги бранам моите ставови“, вели Ибраими.
Со цел да се стави крај на нападите врз новинарите, од ЗНМ иницираа промени во Кривичниот законик, со кои тие би се третирале како напади на службено лице. Истите сега се во собраниска процедура.
„Можеме да очекуваме и да апелираме што побрзо да биде донесен тој закон“, рече Чадиковски.
На Меѓународниот ден за запирање на неказнивоста на нападите врз новинарите 2. ноември, беше одржан мирен собир пред Основното јавно обвинителство во Скопје. Новинарите порачаа дека 27 април, 2017 година е симбол на неказнивост на нападите врз новинарите, кои настрадаа за време на упадот во македонското Собрание.
„Пред 4,5 години, јас бев првата новинарка која даде исказ овде во Јавното обвинителство. 4,5 години потоа, мојот напаѓач во Собранието се` уште не е ниту идентификуван, а камоли да има постапка за него. За разлика од тоа, напаѓачите на политичарите, дел се осудени, дел правосилно, на дел им се намалија казните, а дел беа амнестирани“, рече Душица Мрѓа, новинарка во ТВ 24.
Според ЗНМ, во 2020 година имало 14 напади врз новинари, од кои 8 биле врз новинарки, а два биле решени со судска пресуда. Во 2021 година од пет напади, три се врз новинарки.
Во пракса велат станува збор за јавна осуда на релевантните актери за нападите врз новинарите, но има примери и на јавно омаловажување и лош третман од страна на претставниците на политичките партии кон новинарите. Континуирано барале специјализирани единици - одделенија во Кривичниот суд и Обвинителството за зголемување на ефикасноста во заштитата на правата на новинарите.
Според Комитет за заштита на новинарите ,Си-Пи-Џи, во изминатите десет години, се случиле 278 убиства на новинари во светски рамки, но оти во 81% од случаите, не е обвинет ниту еден. На врвот на таа листа според индексот за годинава се Сомалија, Сирија и Ирак.
Facebook Forum