Линкови за пристапност

Професија – дописник: Дон Кихот против ветерниците!


Тешки денови за новинарите во Македонија - борба со лажните вести, јазикот на омраза, притисоците..., но и борба за егзистенција

Новинарската професија во Македонија преживува тешки денови, обидувајќи се да го спаси достоинството во борбата со лажните вести, јазикот на омраза, со притисоците од политичките и бизнис центри на моќ, со партизацијата и киднапираните институции... Позицијата на дописниците на медиумите од престолнината од помалите градови во внатрешноста е уште покомплексна, а борбата за егзистенција – уште потешка...

Разговаравме со три новинарки, Сузана Мицева, Жанета Здравковска и Даниела Такева, долгогодишни дописнички на бројни национални медиуми, од Струмица, Битола и Малешевијата, добитнички на наградата „Менде Петковски“ (што сега веќе згаснатиот весник „Дневник“ ја доделуваше од 2005 до 2016-та, за најдобар дописник на годината и за најдобар прилог на дописник) кои, секоја според своето искуство, за Гласот на Америка на македонски јазик ги истакнаа проблемите со кои се соочуваа(т) во професијата која ја сакаат и на која и посветиле дел од животот.

„Репортерите на локалните, регионалните и националните медиуми се најексплоатираните медиумски работници во Македонија и буквално, не постои новинар, снимател или монтажер, кој живее од својата основна плата. Тој обично работи за повеќе од еден медиум, а честопати е принуден и на други хонорарни работи, за да ја обезбеди својата егзистенција. Ниту еден човек кој нема достоинствено платен труд, не може да биде слободен да креира јавно мислење, да биде општествениот коректор, но и борец за човекови и граѓански права. Прво и основно затоа што тој е економски роб... Во оваа дејност сум од дете, а 13 години активно работам како новинар. За жал, не можам да направам паралела - некогаш и денес... Тоа е една голема бездна, во која сите сме пуштени во слободен пад, и не гледам дека било кој од нас носи падобран“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, Сузана Мицева, дописник на ТВ Телма и новинар и уредник на вести во ТВ Вис од Струмица.

Според Жанета Здравковска, новинарка со дведецениско искуство, поранешен дописник од Битола на згаснатите весници „Дневник“, Утрински весник“ и „Вест“, а сега на порталот „Сакам да кажам“ и на Радио Слободна Европа, и координатор на Здружението на новинарите на Македонија за Битола, најголемата неизвесност „која без сон ги остава дописниците е немањето на пензиско и здравствено осигурување“.

„Повеќето работат со години, а не можат да соберат ни 15 години стаж, колку што е потребно за да се обезбеди пензија. Се ангажираат хонорарно, и доколку од хонорарите сами издвојуваат средства за да платат придонеси, нема да им останат пари за егзистенција. Доколку пак, работат хонорарно, а се пријават како невработени, тогаш поради парите што ги имаат на сметка, се обврзани сами да си плаќаат здравствено осигурување, но не и пензиско. Нивната најмачна мисла е дали ќе дочекаат пензија, иако работат по цел ден, често и повеќе од вработени интелектуалци во други професии... Малкумина се дописниците кои добиваат солиден хонорар само од една редакција. За да можат да заработат, колку за една плата на вработен со високо образование, мора да пишуваат на повеќе места. Тоа создава голем притисок, макотрпна работа по цел ден, од утро до мрак, нема викенди и слободни празници... Но, бидејќи се хонорарци, не им се плаќаат прекувремените работни саати, ниту празничната работа. Така, многу брзо се трошат, а не дај Боже, да се разболат...“, изјави Здравковска за Гласот на Америка на македонски јазик.

Сличен е ставот и на Даниела Такева, новинарка со 25-годишна кариера во медиуми во Прилеп и Делчево, и како дописник од Пијанец и Малеш, на ТВ Канал 5, Радио Канал 77, регионалната ТВ Стар, која покрај наградата „Менде Петковски“, во 2016-тата ја доби и наградата на ЗНМ, за најдобар дописник од Источна Македонија.

„Работата како дописник не е лесна, ниту едноставна, особено кога работиш сам и особено кога си ја сакаш професијата. Па, снимаш сам и покриваш регион што е ‘заборавен’, а голем по површина. На терен одиш сам, истовремено снимаш и правиш интервју или земаш изјави, монтираш видеоматеријали, возиш сам сопствено возило и на крајот, чекаш дали ќе биде објавен прилогот, затоа што си платен по парче. Често сум возела по 80 км во два правци, за да снимам изјава од 20 секунди. И така, секој месец броиш - колку прилози, односно текстови се објавени, а без разлика на нивниот квалитет, те ‘ценат’ - 200 денари. Исто, како да работиш во конфекција на норма, но и таму има разлика дали шиеш обичен раб или јака од кошула и независно, дали имаш факултет или магистратура и колку си писмен - вредиш исто... И како тоа да не е доволно, тука се и трите тужби за клевета и навреда од функционери, за кои одев по судови, но сите беа пресудени во моја корист... И тоа што редовно бев изложена на многу јавни ‘линчови’ по социјалните мрежи, полни со омраза кон мене. Но, за последната навреда на социјалните мрежи од функционер - градоначалник, со поддршка на ТВ Стар, јас тужев за навреда и успеав да добијам на суд. Функционерот плати симболична финансиска оштета, но, пораката од пресудата беше многу позначајна“, вели Такева во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик.

Таа потенцира дека „после сѐ, се чувствував разочарано - како Дон Кихот со ветерниците...“ и дека и затоа, сега работи - од другата страна на новинарството.

„За понудата да работам како ПР во Општина Делчево, верувајте, размислував. Тие што ме познаваат ми велеа - е, добро што ќе изгубиш? Тешко можев да им објаснам колку ми значи таа професија и колку голем зависник сум од вест, но во ситуација кога немав друг излез, кога за јавниот интерес за регионот никој не се грижи и на медиумите не им треба новинар-дописник од мојот ранг, одбрав промена и некаква стабилност, ради мене и моето здравје и ради моите деца и ја прифатив понудата.... Додека работев како новинар, магистрирав македонистика со комуникологија, станав и овластен лектор... Но, мора да истакнам дека алармот за промена се вклучи со тешката сообраќајка што ја имав, во која, за среќа, поминав со неколку набиеници и гребнатинки, но останав без автомобилот, така што, сѐ што заработував, упропастив поради невнимание и брзање навреме да објавам информација за протести во Малешевијата. Трошоците не ми ги покри ниту една редакција...“

Повеќето работат со години, а не можат да соберат ни 15 години стаж, колку што е потребно за да се обезбеди пензија. Мора да пишуваат на повеќе места. Тоа создава голем притисок, макотрпна работа по цел ден, од утро до мрак, нема викенди и слободни празници... Но, бидејќи се хонорарци, не им се плаќаат прекувремените работни саати, ниту празничната работа. Така, многу брзо се трошат, а не дај Боже, да се разболат...
Жанета Здравковска, координатор на Здружението на новинарите на Македонија

Новинарката Мицева го проблематизира и терминот - дописник. „Во ера на брз интернет и напредна технологија, новинарот од било кој град, село, или точка во државата не е дописник, туку е репортер, новинар кој најчесто носи ТВ-приказни, фото-стории и слично од терен, во истиот миг, за неколку минути или најмногу час до два од моментот на снимање и создавање на аудио, видео или фото материјалот. Тој не се ‘допишува’ со редакцијата еднаш неделно, туку е во постојана врска со сите нејзини членови и секојдневно извршува некаква новинарска задача. Затоа, сметам дека дописник не е вистински термин на новинарите надвор од скопските редакции. Тие само ја доловуваат вистинската слика, рамката во која се врамени новинарите од внатрешноста. Напуштени, далечни, недоволно вреднувани репортери, кои место да бидат свежата крв којашто ќе ја подобри телевизиската новинарска циркулација, најчесто се застоената крв која се ‘пушта’, во случај кога пациентот - медиумот е во некаква криза: креативна, финансиска, идејна“.

Зборувајќи за атмосферата и амбиентот во кои работи репортер од внатрешноста, и таа, како и колешката Такева, ја употреби фразата за „Дон Кихот и ветерниците“. „За да им биде појасно на моите сограѓани, струмичани, ќе се послужам со нивни опис: ‘Како на силен ветер да се обидеш да го наместиш полиетиленското платно врз арматурата на пластеникот’. Тоа значи дека или крајната цел ќе биде неуспешна, или платното ќе се скине. Добриот исход во ветровит ден е невозможен! Вистинско новинарство во ваков дневно–политички амбиент, е исто така, невозможно“, ни изјави Мицева.

Според новинарката Здравковска пак, покрај тоа што одделни медиуми во престолнината и ги маргинализираат дописниците и темите од внатрешноста, дописниците во своите, локалните средини ги носат и хипотеките на редакциите каде што работат и се изложени на специфични притисоци.

„Ако не се занимаваат само со бегло следење на настани, туку и со критичко, истражувачко новинарство нормално е дека ќе се замерат со одредени структури во местата каде што живеат. Во Битола имаше случаи тоа да се одразува врз семејствата, да не може потоа да се вработи брачниот другар или децата на новинарот. Семејството им останува ‘бележано’ само затоа што тие се бореле за вистината... Токму поради белегот што го носат од редакцијата во Скопје за која работат, најчесто локалните редакции не сакаат да ги ангажираат. Но, имаше и локални газди на медиуми и наводни уредници, кои ангажираа познати дописнички имиња да работат и кај нив, нудејќи им скратено работно време и пари, а на сметка на тоа ги притискаа да не пишуваат за одредени политичари или бизнисмени во градот. Бидејќи се имав соочено во ваква ситуација пред десетина години, можам да кажам дека поради објава на текст во весник каде што бев дописник, а кој не и одеше во прилог на тогашната власт, сопственикот на локалниот медиум каде работев со скратено работно време, за пет минути ми даде отказ. Следната година, истото ѝ се случи на друга колешка од Битола со истиот газда на локален медиум“.

А нејзината поранешна колешка Такева, во изјавата е децидна дека „со многу ентузијазам, труд и максимално вложување, би рекла, дури и не штедејќи се, работев за медиумите... И сега мислам дека кога некоја работа ја работиш од дното на душата и се вложуваш во неа, без притоа да правиш некаков есап, или да вагаш колку си потрошил, а колку заработил, тогаш мора работата да има успех. Но, сѐ има свои граници и точка на издржливост“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG