Линкови за пристапност

Израел нареди палестинските пациенти во Ерусалим да се вратат во Газа


„Лекари за човекови права“ велат дека Израел ги доведува во опасност пациентите испраќајќи ги во воена зона
„Лекари за човекови права“ велат дека Израел ги доведува во опасност пациентите испраќајќи ги во воена зона

Израел нареди голем број хоспитализирани палестински пациенти да се вратат во појасот Газа откако ќе завршат со лекувањето во медицинските установи во источен Ерусалим. Наредбата предизвика реакции од групите за човекови права. Известува Линда Градстин.

Во болницата Макасед во источен Ерусалим, соба полна со Палестинки од Газа и нивните бебиња. Една од мајките забременила со близнаци по седум години неплодност.

Но, кога развила компликации доцна во бременоста, нејзините лекари од Газа ја испратиле овде на итно лекување, непосредно пред почетокот на војната во октомври.

Денес нејзините близнаци Абдула и Одеих се здрави петмесечни бебиња.

„Би сакала да се вратам во мојот дом. Ако е безбедно да се вратам во северниот дел на Газа, јас би била првата што би се вратила. Но, не е безбедно. Мојот сопруг рече дека е подобро да не се вратам иако тој сè уште не ги видел своите деца. А каде можам да набавам пелени и формула? Многу сум исплашена“, вели Ханан Шарадан, пациентка од Газа.

Неизвесна иднина за палестинските пациенти во Ерусалим
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:22 0:00

Овие жени и нивните бебиња, како и единаесет пациенти со рак во болницата во близина, веќе ги спакувале куферите затоа што минатата недела требале да бидат вратени во Газа од единицата на израелската армија која работи со палестинските цивили.

Но, организацијата „Лекари за човекови права“, заедно со две други израелски организации за човекови права, поднесоа жалба до израелскиот Врховен суд, кој одобри 30-дневен престој, додека израелската армија да ги објасни причините за префрлање на овие пациенти.

Овој пациент болен од рак е загрижен за своите внуци во Газа, но се плаши дека ќе биде невозможно да го продолжи лекувањето таму.

„Газа е уништена и тоа е многу опасно. Таму нема начин да се лекува. Црвениот крст ги изнесува пациентите од Газа, а Израел сака да не` врати назад? Како е тоа можно?“, прашува Калед Сеит, палестински пациент болен од рак.

Единицата на израелската армија која работи со палестинските цивили, вели дека само ги враќа назад пациентите на кои не им е потребна дополнителна медицинска нега.

A boy walks amid debris following Israeli bombardment in Nuseirat, central Gaza, on April 12, 2024, amid ongoing battles between Israel and the Palestinian militant group Hamas.
A boy walks amid debris following Israeli bombardment in Nuseirat, central Gaza, on April 12, 2024, amid ongoing battles between Israel and the Palestinian militant group Hamas.

Но, од „Лекари за човекови права“ велат дека Израел ги доведува во опасност испраќајќи ги во воена зона.

„По хемотерапија и радиотерапија, дури и ако не мора да имате друг третман во следните два месеца, вашето тело е сè уште слабо. Вашиот имунолошки систем е слаб. И како што знаете, во Газа целиот здравствен систем е во колапс. Нема функционални болници, лекарите се преоптоварени, не можат да лекуваат, болните од рак се испраќаат во странство“, вели Асеел Абу Рас од „Лекари за човекови права“.

Лекувањето за Палестинците во источен Ерусалим и израелските болници е целосно платено од палестинската управа.

Директорот на болницата „Августа Викторија“ Фади Атраш, вели дека некои од неговите пациенти изгубиле членови на семејството, како и нивните домови за време на борбите во Газа.

Тој се надева дека на пациентите ќе им биде дозволено да останат во болница додека не дојде до прекин на огнот.

„Во Газа има катастрофа, од сите гледни точки. Нема храна, нема струја, нема вода, никаде не можат да живеат пристојно. Тие ќе бидат бегалци во Газа. Бегалци болни од рак, во војна, без доволно залихи“, посочува Фади Атраш, директор на болницата „Августа Викторија“.

Тој вели дека повеќе од 750 пациенти со рак од Газа биле планирани да дојдат на лекување во Израел од почетокот на војната.

Повеќето заминале во други арапски земји. Но, некои воопшто не добиваат третман и не знаат кога и каде ќе најдат медицинска нега.

XS
SM
MD
LG