Линкови за пристапност

Интервју – Филипче: или ќе научиме да ги почитуваме препораките или ќе следуваат нови рестрикции


Интервју – Филипче: Или ќе научиме да ги почитуваме препораките или ќе следуваат нови рестрикции
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:34 0:00

Интервју – Филипче: или ќе научиме да ги почитуваме препораките или ќе следуваат нови рестрикции

Министерот за здравство, Венко Филипче, очекува учениците од септември да се вратат во училишните клупи. Во однос на претстојните избори, тој за Гласот на Америка вели дека гласањето ќе биде безбедно и оти така како што е организиран системот, нема никаков ризик по здравјето на граѓаните.

Глас на Америка: На 15-ти јули се предвремените парламентарни избори. Којa би била Вашата порака со оглед на ситуацијата со Ковид-19? Очекувате ли страв кај гласачите да излезат на гласање и да отидат на избирачките места?

Филипче: Сметам дека протоколот е одличен. Направивме и симулација заедно со ДИК, како ќе изгледа денот на гласањето. Многу е важно сите да се придржуваат до мерките, со оглед на тоа што и самата ДИК, зема обврска добро да се спроведат мерките, во однос на тоа секој да носи маска, да има јасно обележани места, како се одржува дистанцата. Внатре на самото гласачко место да се пуштаат само двајца гласачи во исто време. Сметам дека е сосема сигурно да се излезе на гласање. И ги повикувам граѓаните да излезат на гласање и да го остварат своето право на глас. Така како што е организиран системот, нема никаков ризик по нивното здравје.

Глас на Америка: Како гледате на моменталната ситуација во земјава со корона вирусот, со оглед на зголемениот број на заболени, но од друга страна последните денови имавме и зголемен број на пациенти кои беа излечени?

Филипче: Многу е важно добро да се одржуваат болничките капацитети, да не се создаде ситуација, нагло да се пополнат, заради голем број на пациенти на кои ќе им биде потребно болничко лекување, со оглед на тоа што масовно тестираме и откриваме и голем број на асимптоматски носители. Многу е мал процентот на ново дијагностицирани пациенти, на кои им е потребен хоспитален третман. Некаде околу 11-12% и тоа е нешто кое ќе можеме да го менаџираме и затоа ќе продолжиме на тој начин и понатаму, масовно да тестираме и рано да откриваме и притоа да ги штедиме болничките капацитети.

Глас на Америка: Во септември најавувате развој на ситуацијата. Што можеме да очекуваме на есен и колку нашите болници се подготвени да одговорат на уште поголем број на пациенти? Во соседството, на пример Србија веќе на располагање ги стави и дел од спортските сали?

Филипче: Сметам дека тоа не е добар пристап, да се сместуваат пациенти во големи простории, каде нема услови ни за хигиена, ни за соодветна здравствена услуга. Сметам дека не е добар концептот. И во таа смисла онаа модуларна болница, која ја направивме до Инфективната клиника, мислам дека е добар модел. И затоа почнуваме процес на опремување на такви модуларни болници, во сите други шеснаесет болнички објекти. Понатаму идентификување на новите лиценцирани лекари, да работат заедно со постарите колеги, да се опремат лабораториите во сите центри за јавно здравје, за да секој град има свој автентичен модел на третман на овие пациенти. За жал во есенскиот период, очекуваме и дополнителен број на пациенти кои ќе ги окупираат истите овие одделенија кои се сега зафатени. Вирусот е тука и нема да замине. Но многу е важно и граѓаните да се свесни. Или ќе научиме да живееме со вирусот и да ги почитуваме превентивните мерки или ќе следуваат други рестрикции.

XS
SM
MD
LG