Линкови за пристапност

Интерпол бара помош од јавноста за 26 бегалци


Интерпол бара помош од јавноста за 26 бегалци
Интерпол бара помош од јавноста за 26 бегалци

Сите се барани за сериозни кривични дела, oд сериски силувачи и убијци, до сексуални злоставувачи на деца и дилери на дрога

Меѓународната полициска агенција Интерпол лансира несекојдневен јавен апел за фаќање на 26 бегалци. Интерпол објави фотографии и биографски информации за 26 бегалци и побара јавноста да помогне со евентуални информации за нивно пронаоѓање.

Мартин Кокс од Интерпол вели дека 26-те лица кои се именувани се особено опасни:

„Сите се барани за сериозни кривични дела. Меѓу нив има сериски силувачи и убијци, сериозни сексуални злоставувачи на деца, дилери на дрога“, вели Кокс.

Интерпол лансираше меѓународна операција во мај за пронаоѓање на 450 бегалци. Околу четвртина од нив беа фатени или лоцирани, но Кокс рече дека за овие 26-мина е особено тешко да им се влезе во трагата. Тој се надева дека јавноста ќе помогне:

„Можеби ќе бидат забележани на некоја од страниците за дружење на интернет. Не значи дека мора да се видат во бар или на улица“, вели тој.

Ова не е прв пат Интерпол да бара помош од јавноста за пронаоѓање на бегалци. Прв пат го направи ова во 2007-ма за да го лоцира лицето кое беше осомничено за злоставување на деца во југоисточна Азија, канадскиот државјанин Пол Нил, кој беше уапсен во Тајланд 10 дена подоцна.

Но, ова е прв пат Интерпол да апелира за помош во јавноста за толкав број на бегалци. Кокс вели дека тоа е дел од напорите од Интерпол да биде проактивен во потрагата по бегалци.

На листата на најбарани 26 бегалци има државјани од целиот свет, вклучувајќи од Јужна Африка, Британија, Бангладеш и Канада.

XS
SM
MD
LG