Линкови за пристапност

Здрава животна средина или економски развој?


И по средбата на Заев и Бектеши со жителите од струмичкиот регион, сите прашања за отворањето на рудникот за злато и бакар „Иловица-Штука“ и натаму остануваат отворени

„Уште еднаш потенцирам дека нема позначаен приоритет за нас како Влада, верувам и за која било влада, од здравјето на граѓаните, од перспективите на овој регион, од традицијата којашто ја имаат нашите граѓани, но, секако и желбата децата да останат овде, да живеат овде, да чекаме деца од нашите деца, внуци“, изјави во петокот вечерта премиерот Зоран Заев, на средбата со граѓаните во полната спортската сала во Иловица, на која присуствуваа и министерот за економија Крешник Бектеши и градоначалникот на Босилово Зоран Зимбаков.

Според Владата, средбата била информативна со цел да се разменат спротивставените мислењa, дилемите, предлозите и сугестиите поврзани со одлуките кои треба да се донесат околу понатамошната судбина на спорната инвестиција.

Рудникот за бакар и злато „Иловица – Штука“ е една од инвестициите кои граѓаните на општините Ново Село и Босилово во струмичкиот регион, ги нарекуваат и „рудници на смртта“, поради користење на цијанид и сулфурна киселина во технолошкиот процес, и веќе неколку години се обидуваат да го спречат неговото отворање, со аргументи дека загадувањето на животната средина ќе ги загрози и земјоделието како нивна основна дејност, но и здравјето и животите на луѓето, што пак, ќе предизвика масовно иселување.

Став за последната средба побаравме од активистите за заштита на животната средина.

„Ние кои сме против фамозниот рудник, не само екологистите, туку и граѓаните на околните места, и на оваа средба демонстриравме цврсто единство и нашата решеност да се спротивставуваме на сите оние кои, и покрај сите наши аргументи за неговата штетност, и понатаму сакаат да го отворат рудникот. Во Струмица и во Македонија има многу еколошки здруженија, но дел од нив се партизирани и немаат вистинска еколошка свест. Ние, активистите од ’Здрава котлина’ од Струмица и од ’Еко долина’ од Ново Село, досега немаме добивано средства ниту од државни институции, ниту од невладини организации и функционираме единствено со самофинансирање или со поддршка на нашите пријатели, сопственици на фирми. Така, успеваме да ја задржиме искрената и чиста намера да се бориме за квалитетен живот во незагадена средина, а против отворањето на рудникот за злато и бакар. И тоа граѓаните го препознаваат“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик активистот Костадин Ристоманов.

На средбата, премиерот Заев се навратил на политичките услови во 2014 и 2015 кога концесионерот, канадската компанија „Еуромакс ресорсис“, го добил договорот за концесија, но потоа, не добил и дозвола за експлоатација.

„Тогаш, немаше ниту галама, ниту реакција. И впрочем, бевме сите среќни. Дури и јас, како градоначалник на Општина Струмица ја поздравив инвестицијата. Кога се отворија постапките, се отворија и дебатите. Видовме дека внатре пишува цијанид, технолошкиот процес го видовме, начините како е организирано, немање на студија за заштита на животната средина. Се крена граѓаните и нивните репрезенти ’Здрава котлина’ и другите еколошки друштва. Се сменија и политичките околности во државата, дојде демократија, можат сите слободно да зборуваат и тоа е убавината на демократските општества. Но, треба да ја знаеме целата вистина“, потенцирал премиерот.

„Она што се` уште е причина Владата да не донесе одлука за прекинување на овој процес, започнат 2014, 2015 и 2016, е тоа што многу околности се сменија. Кога се кренаа граѓаните, јас како политичар јавно реков дека стојам на нивна страна. Ваква работа ние нема да дозволиме, цијанид, сулфурни киселини, нема да дозволиме. Дали е кредибилен мојот збор зборува фактот што јас, со моето семејство, живеам во Струмичката котлина. Со моите граѓани од Муртино и Струмица живееме во истата Струмичка котлина. Имам намера тука да живеам и тука од деца, внуци да чекам. Нема да дозволам ниту моите деца, ниту кои било деца да патат и да имаат проблеми. По ваквата одлука се промени целиот технолошки процес. Отстранет е целиот технолошки процес на обработка со цијанид. Парламентот донесе и закон поттикнат токму од граѓаните“, рече Заев.

И министерот за економија Крешник Бектеши беше дециден дека инвестицијата на компанијата „Еуромакс рисорсис“ ќе продолжи само ако бидат исполнети сите стандарди за заштита на животната средина и ако се согласат и граѓаните.

„Сѐ додека не сме сигурни дека ’Иловица-Штука’ ќе ги исполни сите стандарди, особено за заштита на животната средина, нема да дозволиме да се случи инвестицијата. Ако се исполнат стандардите и доколку има согласност од граѓаните, инвестицијата ќе продолжи“, рече Бектеши

Активистот Ристоманов додаде дека и покрај обидите да се наметне волјата за отворање на рудникот, пред се` со аргументите за нови вработувања, „полнење“ на буџетот и за економски напредок, токму единството на граѓаните кои се спротивставуваат, дава надеж дека рудникот сепак, нема да профункционира и дека во период од 6 до 12 месеци ќе биде донесено конечно решение, на задоволство на граѓаните. Но, и тој потенцира дека жителите на плодната Струмичка котлина се` уште се претпазливи, особено затоа што во јавноста почнало да се шпекулира дека фирмата-концесионер „Еуромакс ресорсис Македонија“, можеби ќе биде купена од друга странска државна компанија, што би било ново, за жителите на овој крај, непосакувано сценарио.

„Не смее да се дозволи изградба на огромната брана за хидројаловиштето со висина од 276 метри, за складирање на стотици милиони кубни метри отровна кал. Земете ја како пример само браната во Бразил, на која се случи несреќата, а која беше висока само 50 метри. Дали вработувањето на 450 лица во рудникот, може да го оправда сечењето на шумите, неминовното загадување на почвата и на подземните води, напластувањето на прашината. Сакаме да развиваме органско производство, но кој би купил земјоделски производи од овој регион ако проработи рудникот“, прашува Ристоманов, спротивставувајќи се на обвинувањата дека со заложбите за зачувување на животната средина, го спречуваат развојот на регионот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG