Линкови за пристапност

Објавен извештајот за трговија со луѓе


Стејт департментот во овогодишниот извештај ја стави Кина во иста категорија со познатите прекршители Иран, Северна Кореја и Сирија.

САД ја прогласија Кина за еден од најголемите светски прекршители во трговијата со луѓе и принудната работа, ставајќи ја во иста категорија со Иран, Северна Кореја и Сирија, кои Вашингтон остро ги критикува веќе подолг временски период.

Државниот секретар Рекс Тилерсон, ѝ се придружи на Иванка Трамп за време на објавувањето на извештајот во Стејт департментот во Вашингтон.

Годишниот извештај на Стејт департментот ја намали позицијата на Кина до најниското, трето ниво. Во извештајот се наведува дека земјата не ги исполнува „минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе и не прави значителни напори во тој правец".

Во своето обраќање, Тилерсон ги повика сите држави да преземат чекори за борба против проблемот:

„Најтрагично е што во трговијата со луѓе најпогодени се најранливите. Малите деца, момчињата и девојчиња, кои се одвојуваат од своите семејства. Тие честопати се експлоатирани, принудени на проституција или сексуално ропство. Извештајот за трговија со луѓе на Стејт департментот од 2017-та година открива мрежи за трговија со луѓе и ги држи извршителите и нивните соучесници одговорни. Фокус на годинешниов извештај е владината одговорност според Протоколот од Палермо, за криминализирање на трговијата со луѓе во сите форми и за гонење на прекршителите. Ние ги повикаме 17-те земји кои не се дел од меѓународниот протокол за спречување, сузбивање и казнување на трговијата со луѓе да ја преиспитаат својата позиција и да им се придружат на другите земји што ја дале таа обврска“.

Вашингтон му даде признание на Пекинг за преземањето на „некои чекори“ за справување со проблемот, но во извештајот се вели дека локалните власти во Ксинџијанг „ги принудуваат мажите и жените Ујгурци на принудна работа“. Воедно властите насилно ги враќаат лицата од Северна Кореја без да ја проверат можноста дали станува збор за трговија со луѓе. Спроведувањето на законот за борба против трговијата со луѓе не се спроведува доследно и кинеските мажи, жени и деца се присилени да работат во фабрики за тули, рудници за јаглен и во фабрики со мал владин надзор.

Пред објавувањето на извештајот, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лу Канг, кажа дека Кина остро се спротивставува на „неодговорното прикажување“ на состојбата од страна на САД, и дека Кина е подготвена да ја зајакне соработката против трговијата со луѓе со сите земји.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG