Линкови за пристапност

Македонија е регионален лидер во превенција на ХИВ


Превентивните програми за ХИВ и туберкулоза ќе бидат финансирани од државниот буџет

„Финансирањето на превентивните програми за ХИВ од националниот буџет има огромно значење, не само за лицата кои живеат со ХИВ, туку и за лицата кои инјектираат дроги, сексуалните работници и мажите кои имаат секс со мажи. Превентивните програми се имплементираат преку стационарни и теренски активности и опфаќаат пакет на медицински, социјални, психосоцијални и правни услуги кои ранливите групи може да ги добијат само од граѓанските организации“, вели во разговорот за Гласот на Америка на македонски јазик, Христијан Јанкуловски од Healthy Options Project Skopje – HOPS (Опции за здрав живот), инаку, претседавач на Националниот координативен механизам за ХИВ и туберкулоза,

Според него, „превентивните програми до крајот на минатата година, беа финансирани од меѓународни донатори, од кои Глобалниот фонд имаше најголемо учество, со буџет во висина од околу 26 милиони долари за периодот од 2004 до 2017 година. Се изградија човечки, просторни и технички капацитети за работа со овие заедници, а во насока на одржување на ниска стапка на ХИВ“.

Средствата од Глобалниот фонд како најголем донатор, беа главна финансиска поткрепа за превенција и за унапредување на здравјето и за одржување на ниска преваленца на ХИВ и туберкулоза кај општата популација во Македонија. Со оглед дека Македонија беше една од државите со најниски стапки на лица со ХИВ во регионот на Југоисточна Европа, во 2016, Глобалниот фонд најави дека таа веќе не се квалификува за меѓународна поддршка и дека самата целосно може да го финансира националниот одговор за справување со болеста. Но, тогаш, наместо да го следи трендот на континуирано зголемување на домашното финансирање на програмите за ХИВ - во споредба со донаторската поддршка, Владата на ВМРО-ДПМНЕ реши да го намали делот од Буџетот на Република Македонија за 2017, од кој се финансираат услугите за превенција, заштита и лекување на лицата со ХИВ дури за 59 проценти: од 65 милиони, на 27 милиони денари.

Невладиниот сектор веднаш реагираше до Министерството за здравство, а активистите одржаа и протест пред Министерството за здравство и пред Собранието.

​Според нашиот соговорник Јанкуловски, „процесите за барање механизми за одржливо финансирање започнаа уште од 2013 година. Македонија уште од 2014 година заради статусот на земја со средно висок економски развој и ниска стапка на ХИВ, веќе не ги исполнуваше критериумите за продолжување на финансирањето од Глобалниот фонд. Официјално, нашите грантови завршуваа на крајот на 2016 година. Но, на крајот на 2016, и во средината на 2017 година, земјата од Глобалниот фонд побара нефинансиска екстензија на грантот за ХИВ до крајот на 2017 година. Граѓанските организации активно настапуваа кон сите релевантни институции за преземање на финансирањето, по завршување на поддршката од Глобалниот фонд за борба против ХИВ, туберкулоза и маларија“.

По острите реакции на невладиниот сектор на најавите дека паралелно со повлекувањето на Глобалниот фонд, ќе се намали и државното учество во финансирањето на превенцијата, заштитата и лекувањето, и по предупредувањата на активистите дека намалувањето во државниот буџет - негативно ќе се одрази врз контролирањето на болеста, сè до опасност од „епидемија на ХИВ“ во Македонија, новата Влада го презема државното финансирање за превентивните програми за ХИВ, туберкулоза и маларија..

„Анализата која беше направена од Светската банка, во соработка со граѓанските организации, Глобалниот фонд и Министерството за здравство во 2015 година, покажа дека доколку не се продолжи финансирањето на овие програми од националниот буџет, земјата до 2030 година може да очекува нови околу 900 случаи на ХИВ и нови околу 300 смртни случаи! Истовремено, укажувањата беа дека околу 15.000 ранливи лица на ХИВ ќе останат без добивање на превентивни услуги! На годишно ниво овие лица добиваат преку 200.000 услуги кои се имплементирани преку 15 граѓански организации“, изјави Јанкуловски за Гласот на Америка на македонски јазик.

Глобалниот фонд ја прифати и поканата на македонското Министерство за здравство – 39-от состанок на Одборот на Фондот да се одржи во Македонија, што според Министерството, е своевидно препознавање на нејзината улога на лидер во регионот.

Така, минатата недела, на 11 април, министерот за здравство, д-р Венко Филипче, се сретна со генералниот конзул и директор на правниот оддел на Секретаријатот на Глобалниот фонд, Рутгер де Вит Вијнен. На средбата на која присуствуваа и претседавачот Јанкулоски и членката на УО на Глобалниот фонд за земјите од Источна Европа и Централна Азија, Ана Филиповска, главна тема бил токму 39-от состанок на Одборот на Глобалниот фонд, чиј домаќин е Македонија, на 9-ти и 10-ти мај, а на кој ќе присуствуваат повеќе од 250 делегати од целиот свет. На средбата се разговарало и за состанокот на министрите за здравство од земјите од Југоисточна Европа, што исто така, ќе се одржи во Скопје на 7-ми мај.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG