Линкови за пристапност

Што јадете и како размислувате - влијае на вашата телесна тежина


Според Светската здравствена организација, од 1975-та, наваму, проблемот со вишокот килограми, тројно се зголемил

Кетлин Mулкани живее во Лос Анџелес и се бори со својата тежина веќе 55 години.

„Моите родители имаа бебе, син, којшто почина на породување. Тогаш имав седум години, и мислам дека оттогаш почнав да имам проблеми со вишокот килограми. Мајка ми почина кога имав 12 години, и тоа одненадеж, по што мојот проблем ескалираше. На средношколска возраст, тежев околу 118 килограми“, вели оваа жена.

Таа не е сама.

Според Светската здравствена организација, од 1975-та, наваму, проблемот со вишокот килограми, тројно се зголемил. Ова не е само проблем во земјите со високи примања, како што се САД. Се` поголем број луѓе со прекумерна тежина или со енормна дебелина, постои и во земјите со ниски и средни приходи. Тоа доведува и до повеќе смртни случаи на глобално ниво споредено со неухранетоста, како причина.

„Брзата храна, познатите компании за газирани пијалоци, кои ги пласираат производите во овие земји во развој, имаат големо влијание на епидемијата за прекумерна тежина, бидејќи додаваат калории и процесирана храна, сол и шеќер во редовната исхрана на овие луѓе“, вели Дана Хјунс од Универзитетот Лос Анџелес Калифорнија.

Во земјите во развој се регистрирани и промени во животниот стил.

„Со урбанизацијата, луѓето заработуваат повеќе, и имаат понеактивен живот. Телесната тежина им се зголемува и со тоа, како да го следат примерот на САД“, вели Хјунс.

Според психологот Дена Соломон, има и друга причина зошто луѓето се соочуваат со проблемот на глобално ниво.

„Се селат од местата од каде потекнуваат. Немаат поддршка од членовите на семејствата за секојдневни работи, се соочуваат со стрес и како олеснување, се вртат кон храната“, вели Соломон.

Експертите препорачуваат исхрана богата со лиснат зеленчук, како добро долгорочно решение. „Доколку вегетаријанството е премногу екстремно, конзумирање на помалку месо, може исто така да помогне во справувањето со прекумерната тежина“, додава Хјунс.

Соломон вели и дека важно е луѓето да се фокусираат на она што точно јадат, односот кон храната. Еден од нејзините методи, е водење дневник или листа на тоа што ќе се конзумира.

„Таа свесност станува помоќна од она што го нуди одреден оброк, но тоа треба да се научи, таквото однесување треба да стане навика“, додава овој експерт.

Професорката Хјунс не препорачува конзумирање голема количина на месо или месни производи. „Не е здраво“, вели таа. „Ова придонесува за дијабетес, рак, срцеви проблеми и други болести. Обидете се вашата исхрана да содржи многу овошје и зеленчук“, додава таа.

Кетлин Мулкани од Лос Анџелес, вели дека наведените методи во нејзиниот случај, вродиле со плод. Таа значително ја намалила тежината и успева да ја одржи веќе три години.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG