Судиите во Македонија се однесуваат како кралеви, порача Рашел Коен, уредничка на „Бостон глоуб“ и коавторка на првиот прирачник за транспарентност на македонските судии и новинари.
Коен рече дека не сака на Македонија да ѝ се случи примерот на Турција, каде новинарите и судиите делат затворски келии.
„Има вид на децентрализација во македонските судови. Секој судија е посебен случај, на некој начин крал во неговата судница. Тоа не е добар систем. Државата има многу историја да надмине. Прво, системот е изграден врз основа на европски модел. А европскиот модел, дури и најдобриот, е помалку транспарентен од американскиот модел“, вели таа.
Коен рече дека тоа што сега се обидуваат да го променат во судовите во Македонија, во Масачусетс, на пример, постоело пред 25 години.
„Имаме практична лекција да пренесеме. Ништо не може да се направи додека новинарите и судиите не почнат да разговараат меѓусебе“, смета таа.
За проблемот со недоволна транспарентност на македонските судии дознала од американски судија, кој отишол во Скопје да разговара со неговите колеги.
„Судија од нашиот Врховен суд отиде во Северна Македонија да разговара за проблемите за транспаранетност со неговите колеги. Еден од тамошните судии го прашал зошто новинарите ги мразат судиите. Тоа му било доволно судијата да сфати во што е проблемот. Им порачал дека е време да почнат да разговараат меѓусебе“, објасни Коен.
Така бил формиран и Судско-медиумскиот совет во Македонија, кој е трет ваков совет во светот. Вакви тела постојат единствено во американските сојузни држави Масачусетс и Конектикат.
Нивната цел е судиите и новинарите да работат заедно да ги надминат проблемите при известување за судски случаи, со цел јавноста да има пристап до правдата.
„Ние новинарите сме очи и уши на јавноста, и кога нам ни е дозволено да ја работиме работата во судниците, тоа значи дека јавноста е внатре во судниците. Тоа навистина е добро за демократијата. Тоа гради јавна доверба во институциите кои ги покриваме. Кога институциите не постапуваат правилно, кога судиите покажуваат недистиг на правично однесување, тоа станува поочигледно преку нашето известување и можноста тоа да го пренесеме во реално време“, рече Коен, нагласувајќи дека промените треба да почнат од највисоко ниво.
„Врховниот суд е на врвот на оваа пирамида. Да покаже лидерство. Кога тоа постои и комуникацијата ќе биде постојана и ќе функционира. Асоцијацијата на судии е движечка сила тоа да се постигне“, вели Коен.
Според неа, овој прирачник треба да биде водич и за политичарите, оти транспарентноста, вели таа, ќе ги направи кредибилни.
„Се надевам дека политичката владејачка структура ќе ги прифати промените што се случуваат во судскиот систем. Политичарите треба да го овозможат овој напредок, а не да стојат не неговиот пат“, порача таа.
Прирачникот е објавен под покровителство на Американската амбасада во Скопје, а го изработија судии и новинари, членови на Судско- медиумскиот совет. Ќе биде достапен за сите медиуми и судии во државата.
Facebook Forum