Линкови за пристапност

Очекувањата за екстрадиција на Груевски се нереални


Експерти по кривично право, адвокати и судии, ја коментираат најавата на министерката за правда, дека ќе го испрати досието за поранешниот премиер во Будимпешта

Македонските власти треба да извршат притисок врз властите во Унгарија да го испорачаат Никола Груевски дома, каде се гони за неколку кривични дела, велат дел од експерти по кривично право, адвокати и судии, со кои зборуваше Гласот на Америка.

Сепак, тие сметаат дека не реално да се очекува дека Унгарија ќе го направи тоа. Ова доаѓа по последните најави на министерката за правда Рената Дескоска дека досието за екстрадиција за Груевски, кој се товари и за организирање на упадот во Собранието на 27 април 2017 година, веќе било комплетирано да се испрати до властите во Будимпешта.

„Целокупното досие од Обвинителството и Судот стаса минатата недела. Деновиве ќе биде испратено до Будимпешта“, рече Дескоска.

Професорот по безбедност на Универзитетот Фон во Скопје Самир Салиески, вели дека е сосема нормално државата и Министерството за правда да поднесат барање за екстрадиција со секое ново кривично дело отворено за него. Со тоа, вели тој, не само што би се извршил притисок врз Унгарија, туку и би покажале пред јавноста заинтересираност за Груевски.

„На тој начин ние би покажале дека не се откажуваме од неговото гонење и кривична одговорност“, вели Салиески.

Станува збор за втор обид за екстрадиција, откако на првото барање од ноември минатата година, до официјално Скопје се` уште не е стигнат никаков одговор.

Во меѓувреме, екс премиерот Груевски доби азил од властите во Унгарија и слободно се движи низ Будимпешта.

„И самите сме свесни дека ова барање би било само проформа со оглед на досегашната пракса во случајот со Груевски. Неговиот азил и немањето одговор на првото барање за екстрадиција не дава надеж за некое друго сценарио. Власта мора да игра на картата дека “до смрт“ ќе го гони Груевски поради правда пред оштетените и народот, но, тоа е тешко остварливо“, додава професорот Салиески.

Судијата Лазар Нанев вели дека согласно Законот за меѓународна соработка, не постои пречка и ограничување да се бара екстрадиција од Унгарија.

Но, во конректниот случај, вели тој, мора да се имаат предвид настанатите објективни околности, а тоа е добивањето азил.

„Имајќи предвид дека правото на азил, односно меѓународната заштита е остварена и добиена во скратена постапка, тоа значи според нив постои проценка за вистински ризик од претрпување сериозни повреди. Во такви околности тешко може да се верува дека унгарските власти ќе можат да ја повлечат таквата одлука, дотолку повеќе што тоа би значело и суспендирање и деградирање на сопственитите институции, а со тоа и нарушување на сопствениот имиџ и углед“, вели Нанев.

Нанев додава дека колку и да се силни аргументите на властите во Скопје тоа нема да ја промени одлуката на унгарските власти.

„Во овие објективни услови, понатаму не се прашува нашата држава, ниту пак аргумените можат да ја променат одлуката. Напротив, унгарските институции се тие кои ја носат одлуката, и тешко дека во догледно време ќе ја променат. Во овој момент очекувањата се нереални. Реалноста е сосема поинаква од аспект на очекувањата, ако се има предвид влијанието кое што го има Унгарија како држава, нејзината положба, статус, но, и улога во меѓународната заедница“, вели судијата Нанев.

Но, Ване Цветанов, претседател на Здружението „Зелена лупа“, смета дека новото барање за екстрадиција е за поздравување од причини што ќе даде силна порака дека правниот систем во државата се подобрува драстично, што претставува и добра порака во пресрет на клучните одлуки кои следат од ЕУ.

„Барањето за екстрадиција на осомничен за тероризам, ги става во ќоше властите во Унгарија, кои ќе морат да изберат помеѓу јатакот или меѓународниот срам дека чуваат осомничен терорист, што се коси и со ратификувани конвенции за борба против тероризам од Парламентот во Унгарија. Моја лична проценка е дека по искористувањето на сите информации, за една година, може и да се разбудиме дека во КПУ Затвор Идризово пристигнал важниот станар“, вели Цветанов.

Со давањето азил од страна на Унгарија, се направени серија контрадикторности, вели тој.

„Азил се бара и дава на територија на "сигурна" земја, но, досега немам слушнато за пракса - земја давател на азил да обезбедува транспорт и заштита. Оттука можеме да заклучиме дека станува збор за личност од висок степен на интерес за Унгарија, во случајов агент или информатор кој разменува класифицирани информации за својата слобода. Мојата прогноза ја базирам на интересите за заштита на информатор, за кои понекогаш и не се почитува правото, и претпоставувам дека Унгарија ќе ja продолжи заштитата на кокошката која што носи златни јајца“, вели Цветанов.

Адвоктот Владо Чингоски вели дали Унгарија ќе го прифати барањето на властите во Северна Македонија за екстрадиција е прашање кое треба да го одговорaт тамошните власти. Според него, очигледно е дека пресудата на Груевски во Унгарија ја толкуваат како резултат на политички прогон и процес, а не како резултат на докажано сторено кривично дело.

„Очигледно дека не помагаат и сите соопштенија и на ЕУ и САД за ектрадикција, така да тешко може да се предвиди дали Орбан ќе попушти пред меѓународниот притисок и ќе го екстрадира својот пријател Груевски. Тука има и други прашања кои се во ингеренции на Интерпол и македонските власти, но, дали се искрени и во намерите да го вратат Груевски или им е подобро да биде надвор, не се знае“, вели Чингоски.

Груевски доби политички азил во Унгарија откако беше осуден на двегодишна затворска казна за набавката на „мерцедесот“, а е обвинет и во други случаи на СЈО.

Исто така, Интерпол се` уште ја нема објавено меѓународната потерница за Груевски за настаните од 27 април 2017 година.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG