Линкови за пристапност

Активистите бараат акција на Владата за враќање на довербата


„Нема потреба од средби додека не добиеме доказ дека Владата, премиерот и министрите и другите надлежни од засегнатите институции, сериозно ја разбираат загриженоста на граѓаните околу загадувањето“, ја одбија поканата за средба со премиерот Зоран Заев, организаторите на „Зелената револуција“

Дваесет и деветте граѓански организации и иницијативи здружени под името „Зелена револуција“, испратија соопштение во кое се вели дека непосредно пред почетокот на Маршот минатиот петок, добиле покана за средба во Владата, но и дека заедничи став е оти моментално нема простор за нови средби со премиерот и дека чекаат „реална и конкретна волја за соработка со граѓаните“.

23 организации од целата земја потпишаа Меморандум за соработка за создавање Национална коалиција за животна средина која треба да изврши посилно влијание во рамките на националните политики и управување, во сферата на екологијата.


Заштитниците на животната средина бараат „премиерот, неговите министри и советници ангажирани на темата за животна средина, да покажат дека сериозно го слушнале гласот на граѓаните, искажан на петочниот марш и по итна постапка да ги реализираaт седумте барања наведени во ‘Зелената книга’“: указ за итно носење на ДУП во Гази Баба за Вардариште; отворање на истрага за ОХИС во стечај, за склучените договори и за испуштањето на токсична хемиска материја, како и за палењето на кабли и откупувањето бакар; усвојување на седница на Владата на измените и дополнувањата на Законот за животна средина за постапувањето со контаминирани подрачја и почеток на собраниската процедура; стопирање на процедурата на усогласување на законите од областа на заштита на здравјето на луѓето, на природни богатства, на животна средина, на културно наследство, и заштита од природни и други непогоди со Законот за прекршоци; поднесување на изготвената апликација за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко Блато како водно живеалиште од меѓународно значење до Рамсарскиот секретаријат; одземање на концесијата на Еуромакс за рудникот Иловица-Штука и на истечената концесија за експлоатација за рудникот Плавица.

Активистите сметаат дека овие барања можат да се реализараат во следните пет работни денови и му порачаа на премиерот: „Покажете искреност и сериозна волја, затворете ги овие почетни барања и можеме да организираме средби и за сите останати. Вардариште би било одлична локација за првата средба, заедно, Вие, вашите министри и советници, во живо и во присуство на медиумите да ги видиме условите, дивите населби и проблемите за кои постојано читате од нашите барања, но не сте ги виделе на терен“.

Во соопштението непосредно пред почетокот на Маршот, Владата порача - „ја споделуваме загриженоста од аерозагадувањето со граѓанските организации, спроведуваме серија мерки и најголема инвестиција досега во заштита на животната средина“.

Според Владата, со донесувањето на Планот за чист воздух, борбата против аерозагадувањето влезе во стратешките приоритети и се изразува јасната политичка волја за решение на проблемот „кој е таложен со децении и за кој ништо не беше преземано во минатото“. Владата порача и дека „внимателно ќе ги слушне и ќе ги прифати сите аргументирани сугестии на граѓанските организации вклучени во ‘Маршот за чист воздух’“.

Животната средина и нејзината заштита продолжува да биде една од топ темите во медиумите и на социјалните мрежи. Медиумите ја пренесоа пораката на британската амбасадорка Рејчел Галовеј, која во излагањето на конференцијата „Климатски промени: Да се спречува и да се лекува“, во организација на Институтот за комуникациски студии, како дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, им порачала на учесниците да работат со страст за градењето на свеста и да вршат притисок врз институциите, како и да бараат промени - за животната средина да стане врвен приоритет на Владата..

А во предвечерие на Маршот на „Зелената револуција“, 23 организации од целата земја потпишаа Меморандум за соработка за создавање Национална коалиција за животна средина која треба да изврши посилно влијание во рамките на националните политики и управување, во сферата на екологијата. Организатор беше ЦЕД Флорозон, како дел од проектот „Еднаков пристап за ефективна правда“, спроведен преку грант-шемата „Зајакнување на влијанието на граѓанското општество во ефективни реформи во правосудниот сектор“, а финансиран од Европската унија. Покрај организаторот, Меморандумот го потпишаа и Ромскиот ресурсен центар од Скопје, Охрид СОС, Еко герила од Тетово, ГВ ЕКО од Гостивар, Македонското здружение на млади правници, Еко Логика од Скопје, Националниот ромски центар од Куманово, Руралната коалиција од Режановце, Куманово, Екозвон и Јуридица од Скопје, Вила Зора од Велес, Малешнет од Берово, Геосфера и Сфера Интернационал од Битола, Достоинствен работник од Прилеп, Фокус од Велес, Организација на потрошувачи од Кочани, Новинари за човекови права, РАДАР, Зелен институт и Е.Д.Е.Н. од Скопје и Ековита од Неготино.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG