Линкови за пристапност

Грција се врти кон сонцето за излез од кризата


Грција се врти кон сонцето за излез од кризата
Грција се врти кон сонцето за излез од кризата

Проект Хелиос - создавање на најголемо поле од соларни плочи во светот во Кожани.

Во време кога Грција е се` поблизу до тоа да не може да го отплати долгот, во земјата се работи на нов план за поттикнување на економскиот растеж. Проектот Хелиос предвидува инвестиција од милијарди евра за изградба на најголемо поле за сончева енергија во светот, што потоа би се продавала во северна Европа.

Една од предвидените локации е во близина на Кожани во северна Грција, каде се наоѓаат рудниците за лигнит кои се со отворен коп. Именуван по грчкиот бог на сонцето, проектот практично претставува покривање на рудната површина од 20.000 хектари со соларни плочи.

Лазарос Малутас, градоначаникот на Кожани, мисли дека проектот ќе биде од корист за сите. „Ова е енергетски коридор и местото отсекогаш било енергетски центар во Грција. Особено поддржуваме развој на обновливи извори на енергија. Згора на се`, ги поддржуваме инвестициите поради ефектот од владините мерки за штедење што се чуствуваат во нашиот регион“, вели Малутас.

При посетата на Грција месецов, германскиот министер за економија Филип Рослер даде поддршка за Проектот Хелиос. Германија има потреба од алтернативни извори на енергија, откако одлучи да ја намали зависноста од нуклеарна енергија по хаваријата во јапонската централа Фукушима како последица на земјотресот.

До 2020-та, целта на проектот е да произведува 2,2 гигавати на електрична енергија, што е 100-процентно зголемување од актуелното ниво. Извозот во Германија би можел да достигне и 15.000 мегавати.

Целиот проект би чинел 28 милијарди долари, а странските инвестиции ќе бидат од витално значење.

Аристоменис Сингрос е извршен директор на владината агенција „Инвестирајте во Грција“, чија задача е да донесе странски пари во земјата. „Потребни се инвестици, прилив на пари. Има два начини да се елиминира долгот. Едниот е да се продаде или да се намали до минимум долгот, а другиот е да се зголеми до максимум брутодомашниот производ (БДП). Колку е поголем БДП - толку е помал долгот. Секако дека најдобар начин за излез од кризата се инвестициите“, коментира Сингрос.

Па сепак, критичарите потсетуваат дека Грција е рангирана на 109-тото место според Индексот на Светската банка за тоа колку лесно може да се води бизнис во земјата, што значи подолу од земји како Етиопија, Папуа Нова Гвинеја, па дури и Јемен. Така, да се уверат бизнисмените од странство да инвестираат милијарди долари во грчкото сонце би можело да биде - тешка задача.

XS
SM
MD
LG