Линкови за пристапност

Воскопулос: Преспанскиот договор не го оспорува македонскиот национален идентитет


Се надевам дека македонската држава ќе стане членка на ЕУ, а македонското малцинство во Грција, ќе делува како мост за соработка меѓу двете земји, изјави за Гласот на Америка, еден од најекспонираните припадници на македонското малцинство во Грција

„Учеството во европските избори, создава можност за нас, во ‘Виножито’, благодарејќи и на ЕУ, секои пет години, конкретно, преку изборите, да ги поставуваме на политичко ниво проблемите на македонското малцинство во северна Грција. Дополнително, да укажуваме дека една земја-членка во ЕУ има дефицит во демократијата, кога станува збор за почитување на малцинските права“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, Павлос Воскопулос Филипов од „Виножито“, еден од најекспонираните припадници на македонското малцинство во Грција.

Со Воскопулос разговаравме откако партијата на етничките Македонци во Грција „Виножито“, која од 1995 има свое седиште во Лерин, и е членка на Европската слободна алијанса - ЕФА, која ги опфаќа партиите на малцинствата во Европа, со одлука на Врховниoт суд на Грција ги исполни условите за учество на европските избори, и на 26-ти мај за првпат и ќе учествува на нив.

„Виножито“, како 31 партија на списокот, ќе учествува на европските избори под слоганот „Не плашете се, кажете им на децата дека се Македонци“

Партијата подготви и видео-спот наменет за македонското малцинство во Грција, на кое смета како на свое избирачко тело. Пораката во спотот е „Ако не кренеш глава не гледаш, ‘Виножито’ не гледаш. На евроизборите на 26 мај гласаме за ‘Виножито’. За една поинаква Грција, во една поинаква Европа. Мили Македонци, зборувајте го нашиот македонски јазик на вашите деца. Кажете им дека се Македонци, не плашете се. Поддржувајте го македонското движење во Грција. Поддржувајте го ‘Виножито’“.

Грчкиот парламент неодамна ги изгласа нацрт-законите и договорите за отворање нови гранични премини кај Маркова нога и Мајден, меѓу Северна Македонија и Грција.

Според медиумските извештаи, СИРИЗА, Река и Демократска алијанса биле „за“, а Нова демократија, Златна зора и Сојузот на централисти – „против“, додека пратениците на Комунистичката партија гласале воздржано.

„Со студено и тешко срце, со вистинска загриженост, но, со единствен критериум - развој на добрососедските односи меѓу двете земји и економски развој на северна Грција, ќе гласаме за двата договора“, изјавил пратеникот од Демократска алијанса Јоргос Карас, на седницата на која се ратификувани договорите, потенцирајќи дека неговата партија и понатаму е со став дека договорот од Преспа е лош и неприфатен од Грците. Сепак, потенцирано е и дека отворањето на нови гранични премини било барање на локалното население.

За овој настан и воопшто за темпото, квалитетот на промените во македонско-грчките односи по Преспанскиот договор, и за тоа како промените ги чувствуваат грчките граѓани од македонско потекло, побаравме мислење од Воскопулос.

„Со Преспанскиот договор, без разлика на проблематичните точки, мора да се истакне дека воопшто не се оспорува македонскиот национален идентитет. Кога станува збор за нас во северна Грција, преку овој договор се отвара можност поагресивно и позитивно да го поставуваме прашањето за малцинството кај грчките органи. На пример, кога Грција јасно го признава македонскиот јазик, како грчката администрација ќе може да одбива барање за отварање на приватно училиште за изучување на македонскиот литературен јазик?“, изјави Воскопулос, и додаде:

„Уште нешто, важно е дека во овој договор станува збор за почитување на македонската националност. Во Договорот, се употребува терминот "Nationality" на англиски. Во Грција некои го интерпретират со "Citizenship“, други пак, зборуват дека се поврзува околу националниот идентитет на еден народ-нација. Секако, има интерпретации и од стручњаци за терминот, но, и со самата дискусија, индиректно се прави мала ‘дупка’ во грчката национална историја и мит околу посебен и различен македонски национален идентитет. Читавме во грчките мас-медиуми, дека грчки политичари, дури и ‘обични’ Грци, граѓани од северна Грција се прашуваат: ‘Ако ‘Скопјани’ се прифатат како Македонци, тогаш, ние од Солун, што сме сега?’ Дури и такви прашања, отвораат простор за дискусија, дури и за современиот грчки идентитет и како се создавал порано“, изјави Воскопулос.

Како дел од спроведувањето на Преспанскиот договор, во ноември 2018 почна проверка на учебниците, а на последната средба на интердисциплинарниот Македонско–грчки комитет, биле утврдени заедничките чекори, и врз основа на Договорот и во согласност со целите и принципите на УНЕСКО и на Советот на Европа, била усвоена методологија за ревизија на наставните планови и учебниците.

И македонската и грчката страна се согласиле да го поттикнуваат вклучувањето на повеќе содржини од областа на културата и уметноста во образованието, со цел градење на позитивна слика за другиот и за избегнување на „непријатни формулации“, за едуцирање на новите генерации во нов дух.

И покрај првите чекори во позитивна насока, според Воскопулос, сè уште е рано да се оценува евентуалната промена на односот на грчката власт кон македонското малцинство

„Мора да истакнеме дека сè уште нема радикални промени во грчката политика или грчката национална идеологија, но, во Преспанскиот договор има уште нешто позитивно: Заедничка комисија на двете држави (стручњаци и историчари) ќе мора да направи ревизија на учебниците за темите поврзани со ‘Македонското прашање’. Познато е дека по Втората светска војна, Германија и Франција решиле да извршат промени во книгите и младите, децата, да учат заедничка историја. За да се елиминира омразата и следните генерации да размислуват позитивно. Не е случајно дека уживаме една Европа без војна со децении, и дека Германците и Французите се столбови и на Европската економска заедница и подоцна, на Европската унија. Нејсе, се надевам на најдоброто во иднината. Македонската држава да стане членка на ЕУ, а ние, грчките граѓани, македонското малцинство во Грција, да делуваме како мост за соработка меѓу двете земји. Сето ова, со одбранбениот штит на НАТО, бидејќи двете држави и таму би биле рамноправни“, оптимистички истакна Воскопулос, кој им испрати „поздрав од северна Грција, на европските граѓани - припадници на македонското малцинство и граѓани во Грција“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG