Една од главните цели на проектот на Атлантскиот совет што ги опфаќа Јадранско Море, Балтичкото Море и Црното Море е зацврстување на границата спрема Русија, вели генералот Џејмс Џонс.
„Мислам дека дојде време да се соочиме со фактот дека одбраната на Европа веќе не почнува во Источна Германија, туку на Црното Море и во балтичките држави“, вели генералот во интервју за Гласот на Америка.
Иницијативата три мориња предвидува зголемена заштита на нафотоводите, модернизација на дигиталниот сектор, телекомуникацијата и транспортот на коридорот Север - Југ, а кој се протега од Хрватска до балтичките држави.
„Централна и Источна Европа никогаш немале корист од Марашаловиот план по завршувањето на Втората светска војна. Овој план ќе овозможи Централна и Источна Европа да стекнат траен економски паритет со Русија и Европа“, вели генералот.
Тој додава дека со помош на НАТО, регионот ќе биде посилно обезбеден, а предвидените инфраструктурни инвестиции ќе допринесат не само за технолошки современ економски развој, туку и за зацврстување на владеењето во тие држави.
Оваа иницијатива Џонс ја нарекува важен стратешки проект:
„Таа е многу добра за НАТО и за трансатлантските односи во целина. Овозможува Северна Америка, како дел од НАТО, интензивно да соработува со Централна и Источна Европа, остварувајќи сосема нови резултати“.
Генералот Џонс ги повикува сите останати држави кои досега не се приклучиле на овој амбициозен план, а кои се наоѓаат на коридорот Север-Југ, вклучувајќи ја и Србија, да го прифатат проектот.
Во меѓувреме, Европскиот парламент усвои извештај, со кој повикува да се стопира гасоводот „Северен тек 2“ што заеднички го градат Германија и Русија.
Иста, необврзувачка резолуција повикува на воведување санкции кон Русија, како и на ограничување на пристапот на Москва кон финансиите и технологијата, барајќи Русија да не се гледа како стратешки партнер.
Наредниот Самит на Иницијативата три мориња ќе се одржи во Словенија на крајот на оваа година.