Линкови за пристапност

Заев: Кога жените губат - сите губиме


По минатонеделната промоција на првиот Национален извештај за родов индекс што ќе биде индикатор за мерење на родовата еднаквост во државата, и премиерот Зоран Заев истакна дека „кога градиме подобар свет за жените, всушност градиме подобар свет за сите“

Минатата недела во Скопје беше промовиран првиот Национален извештај за родов индекс, во Република Северна Македонија што треба да претставува помош при креирањето праведни политики за еднакви можности на жените и мажите. Медиумите го пренесоа ставот на Јована Тренчевска, државната секретарка во МТСП, според која, податоците од индексот ќе бидат основа за креирање праведни политики, со кои жените и мажите ќе имаат еднакви можности и еднаков пристап до сите ресурси и сите услуги во сите области на општственото живеење.

„Подготовката на овој извештај беше иницирана од страна на Министерството за труд и социјална политика и податоците во него се од круцијално значење за креирање на понатамошните политики и нивна реализација. Како што истакна директорката на Европскиот институт за родова еднаквост Вирџинија Лангбак, а тоа го потврдуваат и податоците од Извештајот, Северна Македонија е лидер во регионот во оваа област. Имаме најдобра европска регулатива која ја унапредуваме, но исто така, воспоставени се и институции на централно и на локално ниво кои треба да ги зајакнеме“, се вели во одговорот на Министерството за труд и социјална политика на прашањето на Гласот на Америка на македонски јазик за нивото на застапеноста на жените и состојбата со родовата рамноправност во Македонија, споредбено со околните држави.

Иницијативата за воведување на Индекс на родова еднаквост во Македонија е на МТСП, преку Секторот за еднакви можности и Државниот завод за статистика, а со поддршка на Европскиот институт за родова еднаквост и Канцеларијата на UN Women во Скопје.

„Го поздравуваме објавувањето на првиот Индекс на родова еднаквост во Северна Македонија, кој покажува дека Северна Македонија не е исклучок: има место за напредок во сите области кои се мерат со Индексот. Силниот резултат во областа на распределба на моќта во Северна Македонија заслужува пофалби, делумно заради родовата квота за членови на парламентот од пред 17 години. Генерално, ова дава солидна основа за споредба во регионот, што ќе ги води политичарите во планирањето на вистински мерки за унапредување на родовата еднаквост“, изјавила на промоцијата директорката на Европскиот институт за родова еднаквост, Лангбак.

Ниту една земја не може да си дозволи да остави половина од својата популација зад себе. Тоа не смее да биде прифатливо за никого. Нема да запреме додека целосно не ја анулираме разликата во вредноста на трудот меѓу мажите и жените.
Зоран Заев, Премиер на РСМ


А во одговорот на Министерството на прашањето на Гласот на Америка на македонски јазик, за практичната примена на Извештајот при креирање на политики што ќе овозможат праведност, рамноправен пристап и еднакви можности за жените и мажите во македонското општество, со почитување на специфичните потреби и приоритети и интереси на жените, се вели:

„Секако дека во одредени области, како што се пристап до добра и услуги, медиумите, економијата и учеството во бордови на големи компании, во спортот...,Владата на Република Северна Македонија треба да направи конкретни мерки, согласно Законот, за еднакви можности на жените и мажите и да работи на внесување на родовата рамноправност во сите важни стратегии и планови од кои ќе имаат подеднакви придобивки и жените и мажите. Инаку, во делот на моќта односно, политиката и телата на одлучување, остануваме и понатаму лидери во регионот. Во унапредувањето на целиот овој процес за којшто постои силна политичка волја, партнери ни се меѓународните организации и невладиниот сектор“..

По минатонеделната промоција на првиот Национален извештај за родов индекс, и премиерот Зоран Заев во вчерашното обраќање на отворањето на дводневната меѓународна конференција „Жени во индустрија: Лидерите ја унапредуваат родовата еднаквост”, во организација на Инженерската институција на Македонија и ЕВН Македонија, потенцираше дека „како земја членка на меѓународната заедница, нашата земја се обврза да ги спроведе потребните мерки за да ги оствари Целите за одржлив развој на Обединетите нации до 2030 година“, и дека „речиси во секоја од 17-те цели за одржлив развој се спомнуваат жените и девојките, што имплицира дека ниту една од овие цивилизациски и хумани цели нема да биде остварена, ако не ги вклучуваат девојките и жените како суштински фактори за остварување, или како целни групи на кои се однесуваат глобалните Цели за одржлив развој“.

„Сите ние треба да го дадеме најдоброто од нас и нашиот придонес за остварување полната, безусловна еднаквост на жените и девојките... Ниту една земја не може да си дозволи да остави половина од својата популација зад себе. Тоа не смее да биде прифатливо за никого. Нема да запреме додека целосно не ја анулираме разликата во вредноста на трудот меѓу мажите и жените. Нема да запреме со спроведувањето на политиките за родова еднаквост, додека не обезбедиме дека девојките и жените имаат апсолутно еднакво право да напредуваат во нивните работни кариери и да бидат избирани на највисоки работни позиции... Намалувањето на родовиот јаз во платите, на макроекономско ниво, може да придонесе за поголем економски развој“, истакна Заев на конференцијата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG