Линкови за пристапност

Македонија - држава да се набљудува во 2018-та година


Извештајот на Фридом хаус , кој ги опфаќа политичките права и граѓански слободи, нотира дека демократијата во светот е загрозена

Новата избрана, етнички инклузивна Влада на Македонија, настојува да ги искорени корупцијата и другите системски злоупотреби, направени во време на претходната власт, и дури може да го реши спорот за името со Грција, што го попречи патот на земјата кон членството во Европската унија, се вели во најновиот извештај на „Фридом хаус“, за слободата во светот во 2018-та година.

Според овој извештај, Македонија се наоѓа во група на земји кои треба да се набљудуваат во 2018-та година.

„Посредувањето од Вашингтон и Брисел во Македонија, помогнаа да се реши долгогодишната политичка криза, поплочувајќи го патот за нова, демократски избрана влада“, стои во извештајот.

Извештајот, кој ги опфаќа политичките права и граѓански слободи, нотира дека демократијата е загрозена, особено по ерозија на американските демократски стандарди со забрзано темпо.

„Демократијата се соочува со најсериозна криза изминативе децении“, изјави Мајкл Абрамович, претседател на „Фридом хаус“, додавајќи дека „основните демократски принципи, вкулучувајќи гарантирање на слободни и фер избори, права на малцинствата, слобода на печат и владеење на право се во ризик секаде во светот“.

Во извешатјот се вели дека Кина и Русија ја зголемиле нивната репресија дома, како и малигното влијание во други држави.

Најголемо отстапување, забележува истражувањето има кај САД, во кои беа нотирани опаѓање на политичките права и граѓански слободи во изминативе седум години, но со забразано темо во 2017-та година, како резултат на зголемување докази за руско мешање во изборите во 2016-та година, како и прекршување на основните етнички стандарди од новата администрација и намалување на владината транспарентност.

„Иако институциите на САД и судството се справуваат со нападите од претседателот Трамп, сепак тие станаа послаби, и предизвикаа сериозни импликации врз американската демократија и позицијата на САД во светот“, вели извештајот.

„Основата на американската демократија беше поткопана од администрацијата, која го потцени традиционалниот систем на контрола и баланс“, изјави Абрамович, и додаде:

„Брзото повлекување на САД од историската заложба за поддршка на странските демократии е предизвик за автократските режими да бидат посилни и заканувачки“, рече тој.

Според извештајот, ова е 12- та година по ред опаѓање на глобалната слобода. 71 држава се соочила со намалување на политичките права и граѓански слободи во 2017-та, додека од 195 држави, 88 (45 проценти) се слободни, 58 (30 проценти) се делумно слободни, додека 49 (25 проценти) не се слободни.

Од 49 држави кои се забележани како неслободни, следниве 12 се најлоши - Сирија, Јужен Судан, Еритреја, Северна Кореја, Туркменистан, Екваторска Гвинеја, Саудиска Арабија, Сомалија, Узбекистан, Судан, Централноафриканската Република и Либија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG