Линкови за пристапност

Власта и медиумите: Напади врз новинари да се третираат како напади врз службени лица


Протест на новинари во Скопје, 2018
Протест на новинари во Скопје, 2018

Претседателот на Здружението на новинари Младен Чадиковски вели дека е очигледна медиумска стагнација во државата

Институциите на власта во Северна Македонија, да покажат сериозна одговорност и посветеност во поддршката на медиумските права и слободи, бараат од Советот за етика во медиумите на Македонија, по повод 3-ти мај, светскиот ден на слободата на медиумите. Од таму додаваат дека тоа е особено важно во насока на креирање поволен амбиент за медиумите во кој што тие ќе дејствуваат без какви и да било ограничувања и препреки.

„Секој обид изолирано да се интервенира во медиумските политики и реформи, спротивно на заложбите на професионалната медиумска заедница, ќе го разбереме како обид за контрола и влијание и наметнување рестриктивни услови за работа на медиумите. Искуството потврдува дека најголемиот ризик за демократијата произлегува токму од медиумите што биле и остануваат под контрола на политичките центри на моќ“, велат од Советот за етика во медиумите.

Од СЕММ сметаат дека креирањето на демократски амбиент за делување на медиумите подразбира системски чекори и координација, со целосно разбирање и адресирање на причините и факторите кои што досега влијаеле врз слободата на медиумите.

Според нив политички независните медиуми се дел од битката за промоција на демократските вредности и стандарди на квалитетно новинарство.

„Од круцијално значење во овој процес е да се промени дискурсот и ставот кај оние политичари, креатори на јавно мислење и центри на моќ кои медиумите неретко ги претставуваат или третираат како непријателска страна, избегнувајќи ја својата одговорност за транспарентно и отчетно однесување кон јавноста. Од нив се очекува да ги штитат медиумите како предност и одлика на демократијата, а не како пречка или закана во нивните ставови и активности“, се вели во ставот на СЕММ.

Од Советот за етика во медиумите, алармираат и за присуството на неетичко информирање во медиумите во земјава. Според нивните податоци речиси 40% од пријавените случаи во 2020 година се однесуваат на информирањето за кризата со коронавирусот, а дури во 67% од вкупниот број на жалби, станува збор за неточни и непроверени информации, Во речиси 20% не се правело разлика меѓу факти и мислења, вести и коментари.

Од неодамна почна да функционира и базата на податоци на СЕММ подготвена со поддршка од Мисија на ОБСЕ во Скопје. Базата овозможува пребарување на одлуките на СЕММ за поединечни медиуми, статистика за најчестите нарушувања на Кодексот, за типот на жалители и за случаите решени со медијација.

Оставете ги медиумите, еднакво да се борат на пазарот
Порака на Чадиковски до владата


Од Здружението на новинари на Македонија, велат дека работите во новинарство во земјава, тешко се менуваат. Според претседателот, Младен Чадиковски, извештајот на релевантните меѓународни организации кои ја мерат слободата на медиумите, се уште еден показател за медиумската стагнација во државата:

„Причините за тоа се неколку. Тенденција на зголемување на јавните пари во медиумите, блокирани медиумски реформи, недостиг на правда за новинарите. Има само еден решен случај од шеснаесет напади врз новинари минатата година, неколку скандалозни одлуки на судот од 27 април и одбиените тужби на новинари“, рече Чадиковски.

Пораката на Чадиковски за Денот на слободата на медиумите е следната:

„Оставете ги медиумите, еднакво да се борат на пазарот. Интервенции како онаа во 2009 година, кога државата драматично се вмеша на пазарот со медиумските кампањи и со јавните пари, може да резултира со траен клиентилистички однос, помеѓу медиумските газди и државата, а тоа директно да влијае врз медиумите и новинарите“.

Наместо тоа, од ЗНМ бараат итно формирање на фонд за проекти од јавен интерес, со кој ќе се поддржи квалитетот во новинарството, аналитичките и истражувачките стории, приказните од локален и регионален карактер.

„Без одложување бараме измени и на кривичниот законик со што нападите врз новинари ќе се сметаат како напади врз службени лица. Во однос на настаните од 27 април, бараме Апелациониот суд да ги преиспита одлуките на првостепените судови, во однос на одбивањето на тужбите на новинарите“, вели Чадиковски.

Инаку, Северна Македонија, според неодамнешниот извештај на „Репортери без граници“ бележи подобрување за две места и сега се наоѓа на 90-то место од вкупно 180 земји во светот. Според ЗНМ и ова е разочарувачко и дека уште треба да се работи на реформи во медиумскиот сектор, за да се создаде амбиент во кој новинарите без притисоци ќе ја извршуваат нивната работа.

Од Советот за етика во медиумите исто така наведуваат дека пандемијата со Ковид 19 ги потврдила предизвиците пред кои се исправени медиумите во државата, почнувајќи од недоволната безбедност и заштита на новинарите и медиумските работници, па до ограничувачките услови за работа на редакциите.

XS
SM
MD
LG