Пред повеќе од половина век Франција и Западна Германија потпишаа договор со цел ставање крај на конфликтите, вклучувајќи ги и двете разорни светски војни.
Со оглед на продлабочувањето на Студената војна, европското единство беше ограничено на шестчлен заеднички пазар - оној кој првично го отфрли барањето на Велика Британија.
Малкумина можеа да предвидат дека договорот од јануари 1963 година ќе го зацементира француско-германското партнерство водејќи кон тоа што подоцна стана 28-члената Европска Унија.
Точно 56 години подоцна, францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел денеска потпишаа нов договор кој треба да помогне во соочувањето со современите предизвици.
Двајцата лидери ставија потпис на договорот во време кога нивните држави се внатрешно ослабени, а ЕУ се бори со превирања поради Брегзит, растечки национализам и поделби околу основните прашања како што се миграцијата, економијата и одбраната.
Некои аналитичари го отфрлија новиот договор од Ахен како несуштински, додека екстремно десничарските француски националисти раширија лажни предупредувања дека Франција планира да ѝ го отстапи на Германија местото на постојана членка во Советот за безбедност во Обединетите Нации.
Во поширока смисла, вистинското прашање е колку во денешната разнишана Европа може да се смета на француско-германското партнерство.
„Вообичаено кога Франција и Германија ќе се договореа за нешто, повеќе или помалку тоа стануваше решение на ЕУ,“ вели Мануел Лафон Рапнул, раководител на канцеларијата за надворешни работи на Европскиот совет. „Тоа повеќе не е доволно.“
Новиот договор има за цел продлабочување на француско-германската соработка, покрај другото, во областа на образованието, заштитата на животната средина, безбедносната и економската политика.
Но, критичарите велат дека новиот договор е далеку од амбициите за моќна и обединета Европа – цели кои Макрон ги објави во 2017 година при стапувањето на функција. „Нов договор, мали амбиции“, напиша францускиот весник Ле Монд.
Додека Европската Унија покажа единство во однос на преговорите за Брегизит, поделеност има во однос на многу други прашања.
„Велика Британија заминува. Италија е водена од популисти. Шпанија има малцинска влада. Полска и Унгарија се водени од нелиберални партии и ниту една влада не сака да им даде на институциите во Брисел поголема моќ. “, пишува влијателниот „Економист“ сумирајќи ги проблемите.
Сепак, некои европски аналитичари сметаат дека Франција и Германија се најважното сврзивно ткиво во блокот и некои веруваат дека дури и симболичното афирмирање на единството е важно.
„По Брегзит, по миграциската криза, по се што се случи ајде едноставно да излеземе со политичка изјава дека ние 27 членки на ЕУ сакаме да ја продолжиме и подобриме соработката во рамките на ЕУ,“ рече словенечкиот државен секретар за европски прашања, Франтишек Ружичка. Без силна француско-германска соработка, додаде тој, „европската соработка нема да постои“.
Договорот од Ахен „е тука за да ги потсети двете земји и остатокот од Европа дека дури и кога е тешко, тој однос е важен“, вели Лафонт Рапнуил од Европскиот совет за надворешни односи. „Двете земји веруваат дека тоа е важно, и таму почнува се.“
Facebook Forum