Линкови за пристапност

Природата, како решение во урбанистичкото планирање


Во услови на глобално затоплување и како резултат, поројни дождови, бури и поплави, архитектите бараат начини за побезбедни градски подрачја

Од Хјустон и Мајами, до градови во Јужна Азија, 2017-та, е година на интензивни временски услови и големи поплави. Комбинацијата на климатските промени и урбаниот развој, создаде совршена бура - за катастрофа.

„Живееме во потопол свет, живееме во свет каде потенцијално, ураганите може да бидат поштетни“, вели Бил Пацерт, климатолог во НАСА. „Морските нивоа се зголемуваат, а изминатиов век пораснале за речиси 22 сантиметра“, рече тој. Но, според овој научник, ова сепак е само мал дел од проблемот.

„Се чини дека поплавите, причинети од големите бури или од сезоната на монсуни над Азија, стануваат се` поголеми. Долж поглавните речни долини на Азија и крајбрежјето на САД, има побројно население и затоа има повеќе инфраструктура. Оттука, има и повеќе штета“.

Пример за тоа е неодамнешната поплава во населбите близу брани и насипи во Хјустон, Тексас по ураганот Харви.

Архитекти и урбанистчки дизајнери, велат дека многу градови во области со потенцијален ризик од поплави, треба да се преиспитаат како ќе ги градат идните објекти и каква би била нивната издржливост во случај на огромни наноси на вода.

„Многумина од оваа индустрија признаваат дека напуштањето на природните системи, е всушност голем проблем. Причината зошто овие градови се поплавуваат, е поради тоа што сме ги одзеле влажните зони, сме ги поплочиле реките, и во голема мера, сме ја игнорирале интеракцијата меѓу физичките и природните системи“, смета Киан Го, професор за урбано планирање на Универзитетот Калифорнија во Лос Анџелес.

Еден од начините за справување со проблемот, е примена на таканаречениот „пасивен дизајн“, што во принцип значи, помалку технологија, а повеќе учење од природата, систем кои е мошне популарен во Холандија, а чија идеја е, изградба на повеќе паркови во околината, на пример.

Друг начин е да се направат зелени покриви. Од една страна, добро во услови на високи температури, а од друга, можат да забават водениот нанос.

Дополнителен фактор при урбанистичкото планирање, според експертите, е транспортот, а пример е Хјустон, каде има своевидна „култура на автомобили“. За еден жител на Хјустон, има меѓу 25 и 30 слободни паркирни места. Дали навистина се потребни толку многу места во време на „Убер“ и „Лифт“ – такси служби и појавата на возила кои сами се управуваат?

Познавачите на ситуацијата додаваат дека инвестирањето во редизајнирање и градско планирање, ќе даде долгорочни позитивни резултати во случај на поројни дождови и бури.

Архитектите, во меѓувреме, ја префрлаат топката кај градските власти.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG