Линкови за пристапност

Лажните вести поопасни од самиот вирус, предупредуваат надлежните


Лажните вести можат да бидат поопасни и од вирусот, реагираат надлежните
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:40 0:00

Од почетокот на овој месец биле доставени 11 известувања до Основно јавно обвинителство за ширење лажни вести за вирусот КОВИД-19

Актуелната ситуација со коронавирусот во земјава се користи за ширење лажни вести, предупредуваат експертите.

Според нив, потребна е внимателност пред сe` од оние кои го креираат јавно мислење, место да ја ставаат во прв план трката по повеќе кликови.

Новинарот Горан Момироски, вели дека лажните вести во време на пандемија, се исто толку опасни колку и самата зараза.

„Нив не ги пласираат само интернет порталите, кои ги има стотици во нашата земја, туку ги пласираат и поединци, неодговорни лица на социјалните мрежи. Оттаму, тие со огромна брзина доаѓаат до граѓаните. Тоа води до ширење паника, и се разбира дека една ваква ситуација е исклучително опасна“, вели Момироски, сопственик на „Oхрид њуз“.

Советот за етика во медиумите, вели дека до нив секојдневно пристигнуваат пријави од граѓани за непрофесионално известување за коронавирусот, и оти истите се разгледуваат тековно.

„Случајот кој беше пријавен во Советот за етика, се однесуваше за неетичко однесување на еден интернет портал, кој нема направено разлика меѓу рекламна содржина и новинарска содржина. Користи еден сензационалистички наслов, кој ако се прочита буквално така како што е поставен, предизвикува паника дека коронавирусот се проширил во некој град во државата. Добиваме пријави кои се однесуваат на сензационалистичко информирање, непотребно заплашување на јавноста“, изјави Марина Тунева, извршен директор на Советот за етика во медиумите.

Момироски вели дека е потребна голема внимателност од страна на конзументите на вести, кои треба да ги проверуваат изворите.

Тунева, пак, дека медиумите треба да избегнуваат сензационализам при информирањето.

„Во борбата со лажните вести на тест се и системот но и професионалците, односно медиумската заедница. Тука своја улога, покрај државните институции, имаат и медиумите и медиумската заедница. Неопходна е помошта од институциите да ги санкционираат сите оние кои шират лажни вести, особено во ситуација како што е актуелната, бидејќи истата може да предизвика далекусежни последици“, рече Момировски.

Тунева додава дека некои медиуми не внимаваат кои извори на информација ги користат, и на тој начин може да се прошират информациите на социјалните мрежи, по што се шири паника, и граѓаните не знаат кои мерки се препорачани, а кои не се од страна на здравствени власти и од страна на СЗО.

МВР вели дека од почетокот на овој месец доставени биле единаесет известувања до надлежното Основно јавно обвинителство, во врска со ширење на лажни вести и паника во врска со вирусот КОВИД-19.

Во меѓувреме ЗНМ и Советот за етика во медиумите подготвија публикација со наслов „Насоки за безбедно и професионално известување за коронавирусот“, која нуди препораки да се користат релевантни извори на информации, да се избегнува сензационализам, да се употребува соодветен речник, додека вториот дел е вид на протокол за заштита и самозаштита на новинарите, и медиумските работници при пандемијата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG