Линкови за пристапност

Комитетот за надворешна политика на ЕП го усвои Извештајот за Македонија


Известувачот Ховит по усвојувањето оптимист дека грчкото претседавање со ЕУ може да биде предност наместо пречка во прашањето за името.

Комитетот за надворешна политика на ЕП денеска го усвои Извештајот за Македонија изготвен од известувачот, пратеникот Ричард Ховит.

Во документот се вели дека Македонија ги исполнува Копенхашките критериуми и треба да почне преговори за поглавјата 23 и 24 во обласите на правдата, демократијата и човековите права, за да се забележи напредок во овие области.

Во текстот стои и дека по 20 години неуспешни преговори во врска со името, можеби е време да се размисли дали рамката за преговорите, Обединетите Нации, е онаа која е кредибилна. Истовремено, документот бара од грчкото претседателство да придонесе за политички елан во преговорите.

Европратениците изразуваат загриженост за проблемите во сферата на слободата на изразувањето и повикаа законот за медиуми да биде предмет на консултации и дијалог и да биде усвоен со широка согласност на новинарите. Тие очекуваат дека владата и новинарите ќе продолжат со средби за да се напредува во оваа област.

Извештајот ја охрабрува борбата против корупцијата, но изразува загриженост поради долгите притвори и условите во затворите како и во однос на, како што се вели, широко распространетата перцепција дека времето и должината на законските процеси се под влијание на политиката, запоставувајќи ја така довербата во судството, легитимитетот на владата и ослабнувањето на демократијата. Од ЕК се бара во идниот извештај за Македонија да направи анализа на пресудите на Европскиот суд што пристигнуваат од земјата.

Во текстот се изразува и жалење дека не е направен напредок за интегрираното образование и се изразува загриженост што се` помалку млади етнички Албанци лошо го владеат македонскиот јазик, а што води до сепарација и потенцијални конфликти по етнички линии меѓу учениците. Во однос на меѓуетничките односи, се забележува и тоа дека Албанија и Косово прават напредок кон ЕУ, така што во текстот се изнесува загриженост дека етнички албанското население во Македонија би можело да се почувствува оставено назад во процесот, како и дека тоа би можело да доведе до ризик за добрите меѓуетнички односи и идната политичка стабилност на земјата.

По изгласувањето на Извештајот, пратеникот Ховит испрати писмена изјава до медиумите. Според него, грчкото претседавање со ЕУ треба да се претвори во предност, а не во пречка, во поглед на долготрајниот проблем за името помеѓу Атина и Скопје.

„Грчкото министерство за надворешни работи ме увери дека ќе го насочат своето претседавање во однос на Скопје, објективно во име на ЕУ како целина“, рече Ховит. „Барам од нив да појдат чекор напред, согледувајќи дека ова е шанса за двете страни да вложат искрени напори да го решат прашањето за името и да работат кон решение за почеток на разговорите со ЕУ“, стои во изјавата.

Нацрт-решението, што сега ќе се гласа од целиот Европски парламент во февруари, ја повикува Грција да употреби лидерство за да се надмине сегашниот застој во европскиот пат на земјата и да воспостави нови поттици за да се реши прашањето со името.

Во изјавата Ховит реплицираше и на коментарите во некои медиуми, дека барал воведување на двојазичност во Македонија. Тој појасни дека повикот за билингвална едукација не е обврзувачки.

Денеска во Брисел, коментар за односите на Македонија со ЕУ даде и шефот на грчката дипломатија, Евангелос Венизелос.

„Препрека за почеток на пристапот во ЕУ не е прашањето за името, туку прифаќањето на европските вредности и политичките критериуми од Копенхаген“, изјави Венизелос.
XS
SM
MD
LG