Линкови за пристапност

Популистите со прекор за државните службеници


На двете страни од Атлантикот, државните службеници се наоѓаат под притисок од конзервативните популисти кои ја доведуваат во прашање нивната политичка неутралност.

Во време кога се разменуваат аргументи меѓу популистите и јавните службеници во Унгарија, Велика Британија и САД, некои виши бирократи предупредуваат дека државната служба во ерата на популизмот е напаѓана и политизирана.

Но популистите се спротивставуваат, велејќи дека државните службеници веќе се политизирани и ги обвинуваат дека сакаат да ја поткопаат волјата на народот.

Во Унгарија, Виктор Орбан го промени Законот за државни службеници, овозможувајќи назначување на идеолошки лојалисти во она што традиционално се непартиски бирократски работни места. Во Полска, владејачката партија на Јарослав Качински ги оцрнува државните службеници, обвинувајќи ги за елитизам и тврдејќи дека „предавството е во нивните гени“.

Најновиот судир меѓу популистите и јавни службеници во Европа се случи неделава во Велика Британија, каде поддржувачите на Брегзит го обвинија Одделот за финансии за искривување на анализата за економските последици по излегувањето од Европската Унија.

Бидејќи Британците гласаа пред повеќе од една година за излегување од европското семејство, поддржувачите на Брегзит изнесоа низа обвинувања против политичарите и институциите за кои тие сметаат дека не можеле да обезбедат поволен излез од економскиот блок, иако одлуката била изгласана на референдумот кој се одржа во јуни 2016-та година.

Во голема мера главна цел на нивниот гнев се законодавците, но и државната администрација се најде во политичкиот судир за тоа какви односи Велика Британија треба да има со Европа.

Бирократите велат дека постои тренд на префрлање на вината за неуспехот на политиката на владата врз државните службеници.

Другите поранешни државни службеници се уште покритични, обвинувајќи ги популистите дека преземат тактики слични на германските националисти во 1930-те години од минатиот век, кои ги обвинуваа државните службеници, меѓу другото и за поразот на Германија во Првата светска војна.

Ендрју Турнбул, кој ја предводеше државната служба под премиерот Тони Блер, предупреди дека владините службеници стануваат жртви на популистичките митови.

Некои аналитичари сметаат дека прашањето кое популистите го поставуваат во врска со квалитетот и стручноста што ја нудат бирократите, резонира кај гласачите.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG