Линкови за пристапност

Европската левица со бледа перспектива на изборите?


Со стагнација на платите и зголемување на имиграцијата, левичарските политичари се во ризик од губење на поддршката, сметаат критичарите

Европските левичарски партии се соочуваат со губење на нивните традиционални поддржувачи, како и слаби изборни перспективи.

Со раст на нееднаквоста, стагнација на платите и зголемување на имиграцијата, левичарските политичари се во ризик од потенцијално бришење од изборниот распоред оваа година.

По изборната победа на Доналд Трамп во САД, европските популистички националисти, како француската десничарска претседателска кандидатка Марин Ле Пен, тврдат дека 2017-та ќе биде „година на будење на луѓето во континентална Европа“.

Марин Ле Пен се приклучи на конференција на европските националисти во Германија, да ја зацврсти нивната доверба за изборите во Холандија, Франција и во Германија, со можност и во Италија.

„Вчера се случи нова Америка, денес нова Европа“, рече холандскиот националист Гирт Вилдерс, во неговиот говор на конференцијата.

Вилдерс нема сомнежи дека алтернативните десничарски партии во Европа ќе бидат во можност да ги придобијат традиционалните либерални гласачи, исто како што Трамп направил на изборите во ноември.

Ливичарските партии имаат потешкотии да излезат со стратегија за соочување со предизвикот, како и за обновување на нивната застарена платформа.

Критичарите велат дека партиите потфрлаат во давање одговори за грижите на гласачите во врска со ниските примања, како што глобализацијата и технолошките промени се одразиле врз нивните животи.

„Кризата во европската левица не може да се негира“, изјави францускиот професор по историја Марк Лазар, и додаде:

„Се наоѓаме во фаза во европската историја, во која економската криза, бегалците, проблемот со имиграцијата и предизвиците на Европската унија, ги ставија традиционалните левичарски партии во тешка позиција“.

Сепак, меѓу нив нема консензус за тоа како да излезат од ситуацијата во која се наоѓаат, независно дали сега се во опозиција, како во Британија, или се` уште се држат до владата, како во Франција.

Внатрепартиските поделби се особено вжештени во Лабуристичката партија во Британија. Државата нема закажано избори до 2020-та, но Лабуристичката партија гледа распаѓање на нејзината поддршка во северна Англија и во Мидлендс.

Ова излезе на површина мината година со Брегзит. Партијата се соочи со дотогаш невидено губење на поддршката во нивните упоришта, кога работничката класа гласаше Британија да излезе од Европската унија, и покрај тоа што партиското раководство и лабуристичките законодавци се залагаа за останување во ЕУ.

XS
SM
MD
LG