Линкови за пристапност

Европскиот парламент ја започнува расправата за буџетот


Европскиот парламент денеска ја разгледува долгорочната финансиска рамка, откако буџетот, вреден 1,2 трилиони американски долари, беше договорен во тандем со пакет економски стимуланси од 868 милијарди американски долари, чија цел е да им помогне на државите од ЕУ да се опорават од рецесијата предизвикана од пандемијата на коронавирусот.

Иако беше поздравен како „историски“ момент за Европа од страна на многу европски лидери, договорот сепак предизвика загриженост кај европските законодавци.

Во говорот кој го одржа пред европските законодавци, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен призна дека седумгодишниот договор за буџет и закрепнување, усвоен оваа недела по маратонскиот самит, содржи кратења што „тешко ќе се проголтаат“. Таа рече дека се направени „жални и болни одлуки за многу програми“.

Европските законодавци се очекува да гласаат подоцна денеска за резолуција во која остро се критикуваат заклучоците од самитот.

Конечното гласање за буџетот во парламентот на ЕУ не се очекува да се одржи пред крајот на годината.

Многу кратења беа договорени откако притисок изврши групата на побогати држави, на кои исто така им беа понудени големи намалувања на нивните придонеси во буџетот на блокот за да се постигне договор.

Говорејќи пред новинарите во средата, претседателот на Европскиот парламент, Дејвид Сасоли, вети дека ќе се заложи за промена во кратењата за климатски истражувања и ќе настојува да се донесат мерки со кои ќе бидат одбиени средства за нациите што не ги поддржуваат демократските вредности.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG