Линкови за пристапност

Потребен е НАТО центар за кризи, а не споменици и стиропор фасади, порача Хасановиќ


Интервју со Елмас Хасановиќ, иницијатор за формирање на НАТО центар за кризи
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:41 0:00

Иницијаторот на оваа идеја, за Гласот на Америка, вели дека ова кризно тело би имало цивилен и воен персонал за брз одговор при справување со катастрофи, како што е пандемијата на КОВИД-19

Се подготвува формирање на НАТО центар за справување со кризи во Северна Македонија, откако државата стана членка на Алијансата.

Иницијаторот и стипендист на Американската амбасада во Скопје Елмас Хасановиќ, вели дека ваквиот центар би помогнал во услови на природни катастрофи, како и во случаи на пандемија, како оваа на КОВИД-19.

„Тоа што посебно ме радува во овој момент е единството и солидарноста на сојузниците. Овојпат не сме сами. Постојат разни кризни ситуации, како што се пожари, поплави, земјотреси, илегална миграција, епидемии, пандемии и слично, и секоја од нив бара посебен пристап и посебен одговор, за кои се потребни различни средства“, вели Хасановиќ.

Смета дека државата навреме ги презела потребните здравствени и економски мерки за справување со пандемијата, и оти по завршување на кризата треба да се направи анализа на слабостите.

„Да не заборавиме дека во минатото спомениците и стиропор фасадите беа поприоритетни од развивање одбрандбени механизми за справување со кризи, инвестирање во медицината, образованието, модернизација на Армијата и слично. Сите овие работи би ни биле многу корисни во овие моменти“, додава тој.

Според него, ваквиот центар би имал позитивно влијание и врз намалување на политичките тензии, етничката нетрпеливост и културните разлики на Балканот.

„Генералниот секретар Јенс Столтенберг истакна дека сојузниците треба започнат да ги анализираат долгорочните последици и научените лекции како да се зајакнат еластичноста и отпорноста на нивните општества, но, и политичката способност на НАТО, со цел да се спречат кризите, како и да се создаде можност за успешно справување со нив доколку се случат“, вели тој.

Слично како и НАТО, и Европската Унија има Центар за координација за брз одговор. А за да се избегне двојно трошење средства и ресурси, Хасановиќ смета дека е потребна соработката со ЕУ.

„Во таа насока е и мојот предлог, јакнење на капацитетите преку формирање на регионален НАТО центар за справување со кризи, чија главна карактеристика е формирање на мултинационални единици за брз одговор при справување со кризи на Балканот. Тој би бил составен од цивилен и воен персонал. Замислата е всушност овој центар да служи како специјална сила на Евроатлантскиот координативен центар, а целта е да се постигне централизирано управување и централизирана егзекуција, наместо досегашниот децентрализиран пристап. Со тоа значително би се скратило времето за одговор и би се максимизирале капацитетите за справување со кризи, а преку формирање на заеднички ресурси да се избегне нивното дуплирање“, објаснува тој.

Верува дека ваков мултинационален центар би бил суштински за државата и регионот, оти сега постоел само Руско-српскиот хуманитарен центар во Ниш.

„Тој е формиран во 2012 година, и го следат многу контроверзии. Не се знае точниот број на вработени, за него не постојат податоци дека е евидентиран во Централниот регистар во Србија. Постоеше иницијатива за стекнување на дипломатски статус, и за истиот сојузниците се сомневаа дека е наменет за разузнавачки активности на Балканот“, рече Хасановиќ.

Институции кои сега делуваат во кризни ситуации во државата се Центарот за управување со кризи (ЦУК), Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и Министерството за одбрана, кое ја активира Армијата во кризни ситуации од поголеми размери.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG