Линкови за пристапност

За почисто Охридско Езеро: Струшка фирма работи на производство на првите домашни електрични чамци


Во моментот фирмата работи на развивање на петметарски чамец, кој би имал минимален отпор на вода
Во моментот фирмата работи на развивање на петметарски чамец, кој би имал минимален отпор на вода

Компанијата УНИ ПЛАСТ се надева да го трансформира превезувањето патници на Охридското Езеро со пловила кои нема да придонесуваат на загадувањето

Електрични чамци од Македонија пловат низ Европа. Струшката компанија УНИ пласт е единствената во државата што ги произведува. Првите вакви пловила ги испорачале во Венеција во 2012-та година, кога овие производи биле новитет во светот на наутиката.

„Тогаш произведувавме 8,5 метарски чамец за транспорт на туристи во Венеција, кој што беше и на хибриден погон. Потоа го модифициравме самиот кров на чамецот за да се монтираат фотонапонски панели и така неколку години се користеа чамците на пазарот во Италија“, вели Христијан Ковачески, сопственик на фирмата за производство на чамци.

Една деценија подоцна технологијата е отидена многу напред, а батериите и моторите се полесни за вклопување во овие чамци.

„Некој основен стандард за автономијата на чамците е околу 50 минути до еден час“, додава Ковачески.

Во моментот компанијата работи на развивање на петметарски чамец, кој би имал минимален отпор на вода и ќе биде со значително подобрена автономија, кога се плови со помалa брзина.

„Поради проблемот кој што го имаме на нашето езеро, немање на инфраструктура за полнење на батерии, развиваме посебен систем на фотоволтаични панели, кои што ќе служат како еден вид тенда на самиот чамец, кој што заедно со софтверот за контрола на батерии ќе имаме можност да добиеме дополнителни еден и два часа плус, дополнителна автономија за пловење на чамецот“, укажува Ковачески.

Неговото тестирање ќе започне наскоро, додека за пуштање во употреба и низ Охридското езеро ќе биде потребна помош од надлежните институции за поставување на соодветна инфраструктура.

„Нема да е проблем да се плови од една точка до друга точка на езерото, но знаеме дека многу често имаме бури и големи бранови на езерото, што значително ја црпи снагата на батеријата и мора да имаме претходно договорена мрежа на полначи. Според мое мислење би требало да почнеме со некои 6-8 точки за полнење за да може без проблем да пловиме“, вели Ковачески.

Тој смета дека иднината на Охридското езеро е во ваков вид на пловила, со оглед на негативното влијание на сегашните кои работат на горива.

„Барем делот на пловидбата да се трансформира од стандардната на електрична пловидба. Со овој тип на мотори целосно се избегнува бучавата, се избегнува исфрлањето на издувни гасови и материи. Во другите земји веќе има изгласано закони за забрана на користење на стандардни мотори на бензин и нафта, дури и во Србија е изгласан закон за заштита на неколку езера и крајниот рок за трансформација на стандардните со електрични мотори завршува оваа година“.

Штета е Охридското езеро да остане на сегашниот статус на заштита кој го има, вели Ковачески. Во наутиката се од 2005-та година, а првиот извоз на овие чамци е направен во Холандија. Во моментот имаат осум различни модели.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG