Линкови за пристапност

Зошто голем дел од Албанците не гласале на изборите?


Реакции на експерти по изборот на Пендаровски за претседател на Северна Македонија

Шестите претседателски избори во Северна Македонија поминаа во атмосфера на релативно слаба излезеност во средините со доминантно албанско население.

За разлика од деловите со мнозинство Македонци, каде што излезеноста беше меѓу 40 и 60 проценти, во албанските средини просекот е околу 30 проценти.

На пример, во Тетово и Гостивар излезноста беше 28,51 отсто, односно 24,05 проценти. Во некои општини и под 20 отсто, како на пример во Желино со 16,20 проценти или Врапчиште со 19,28 проценти.

За политичкиот аналитичар Алберт Муслиу ваквата состојба е резулат на неколку причини.

„Како прво тоа е зголемената миграција. Руралните, па и урбаните средини, се празнат константно. Втората причина е можеби и некоја порака која им ја испраќаат на албанските политички партии. Пораката се однесува и на ДУИ и на албанската опозиција, но, и на владејачкото мнозинство. Трета причина е намалената можност на албанските политички субјекти да ги привлекуваат и усмеруваат нивните гласачи“, вели Муслиу.

Тој не смета дека можеби станува збор за незаинтересираност на албанскиот електорат да гласа за кандидат Македонец. Вели дека Албанците тоа го покажале на последните парламентарни избори, кога повеќе од 50.000 гласале за СДСМ.

Според Муслиу, слабата излезност на сите граѓани треба да биде поттик за политичките партии нешто да променат и во изборниот модел.

„Постојано зборуваме дека една третина од популацијата е замината од државата, а ништо не се прави да се овозможи полесно гласање. Мислам дека тука е формулата која треба да се реши“, додаде тој.

И други аналитичари сметаат дека слабата излезност на Албанците е поради незадволство кај гласачкото тело.

„Ова е резултат на поделеноста на електоратот како никогаш досега, а истовремено и како еден вид казна поради незадоволството од функционирањето на албанскиот официјален претставник во власта. На парламентарните избори таа ситуација ќе биде целосно спротивна, бидејќи борбата за освојување на пратеничките места е единствена надеж дел од малите албански партии да опстанат како субјект на политичката сцена“, вели Агим Јонуз, политички аналитичар.

Универзитетскиот професор Арсин Синани смета дека системот во Северна Македонија го фаворизира македонскиот кандидат.

„Тоа е проблем, бидејќи и да излезат Албанците епилогот ќе биде ист. Македонската страна не е отворена и подготвена за Албанец да ја води институцијата претседател. Има и други проблеми, но, кандидатите по изборот се концентрираат само на македонските граѓани“, вели тој.

Но, професорот по политички систем Горан Илиќ вели дека албанскиот електорат покажал проактивност во севкупниот изборен процес.Toj не очекува повторувањето на истата слика на следните избори.

„Бидејќи тоа е условено од многу фактори и од дадени околности, како на пример, типот на изборите и преференците на гласачите, потоа партиско - политичкиот менаџмент на владејачката структура, внатрекоалициските интереси и договори, како и политичкиот капацитет на опозициониот блок“, вели Илиќ.

Генералниот секретар на Алијанса на Албанците и градоначалник на Гостивар Арбен Таравари, пак, вели дека на последните избори излезеноста на Албанците не била ниту 25 отсто од вкупниот резервоар гласови, кои тие ги имаат во државата, и оти тоа зборува за многу работи.

„Има една тотална демотивација на граѓанитe, и поради тоа не излегуваат на избори. Демотивираноста најмногу е поради долгото владеење на ДУИ. Од активни 200.000 до 250.000 што гласале редовно сега веќе не излегуваат. Има нешто што треба и ние како опозиција, а особено власта да го преиспита. 95 отсто од Албанците гласаа за Стево Пендаровски. Во сите општини од првиот круг, ако ги соберете гласовите на Блерим Река, плус на Стево Пендаровски, излегуваат гласовите од вториот круг“, вели Таравари.

Тој рече дека тие не го бојкотирале вториот круг на изборите, иако во ниваната партија имало разноликост.

Голем дел од членството и раководството гласале, иако тој не гласал како знак на незадоволство на власта кон општината со која тој раководи.

Вели дека околу 50.000 е вкупниот број на гласови кои албанската опозиција ги дала во вториот изборен круг.

Од ДУИ веднаш по објавувањето на првичните податоци изјавија дека се задоволни од нивниот придонес во победата на консензуалниот кандидат Пендаровски.

„Нашите првични неофицијални проценки се дека има околу 90.000 албански гласови кои го поддржаа концептот на консензус. Сакам да изразам длабока загриженост во врска со информациите на теренот за тивок, но, активен и организиран бојкот од страна на албанската опозиција. Тоа значително се забележува во општините како Желино, Боговиње, Врапчиште и Гостивар“, рече Иџет Мемети, шеф на изборниот штаб на ДУИ.

Северна Македонија во неделата го избраа петтиот претседател Стево Пендаровски.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG