Линкови за пристапност

Справувањето со коронакризата ќе го одреди економскиот раст за 2021, велат експерти


Тешка, но, позитивна година за македонската економија, велат експертите
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:30 0:00

Каква 2021 година на економски план ќе има Северна Македонија ќе зависи од справувањето со пандемијата на ковид-19, вели Владимир Глигоров, соработник на Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Колку побргу пандемијата се стави под контрола, тогаш и стопанството релативно брзо би можело да се врати таму каде што беше, но, и да продолжи да се развива, вели тој.

„Тие стапки можат да бидат и 4, 5 и 6 проценти во моментот кога земјава или стопанството почне да се опоравува. Се` зависи од тоа како и кога епидемијата ќе се стави под контрола. Македонија помина доста лошо. Доколку генерално се стабилизира состојбата во ЕУ, би требало да дојде и до релативно брзо опоравување, бидејќи нема некои структурни причини тоа да не се случи“, вели Глигоров.

Глигоров е оптимист дека стопанскиот раст ќе биде позитивен годинава. Сепак вели многу работи ќе зависат и од случувањата надвор од државата. Позитивен раст од 4,5 проценти на македонската економија предвидуваат и од Виенскисот институт, додека ММФ од 5,5 проценти.

„Македонското стопанство не е затворено. Извозот игра значителна улога во тоа. Тоа е и добро и лошо, бидејќи во оваа конкретна ситуација, трговската размена се намалува поради епидемијата. Македонија е мала и затворена географски. Нема излез на море. Многу зависи од регионот“, вели тој.

И професорот и поранешен министер за финансии Трајко Славески, смета дека многу работи ќе зависат од главните трговски партнери, земјите од ЕУ и водечкиот наш конзумент на извозот - Германија.

„Се надевам дека оние сектори, како што се автомобилската индустрија, текстилната и некои услужни сектори, ќе имаат можност за одредено функционирање, односно одреден раст. Но, сето тоа зависи како се однесуваме внатре во земјата во борбата со ковид-19. Ние може да очекуваме некаде стапка на раст на економијата во оваа година од околу три до четири проценти“, вели Славески.

Сепак, според него, најверојатно економијата и во 2021 година ќе биде под својата потенцијална стапка на раст од некаде 4 отсто.

„Ова значи дека по загубените околу пет проценти од БДП, во минатата 2020 година, оваа година не ќе можеме да го достинеме нивото пред кризата на БДП од 2019 година“, рече тој.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими неодамна изјави дека 2021 ќе биде во знак на заштита на здравјето, економско заздравување и реформи на забрзан раст на среден и долг рок.

Очекува закрепнување на инвестициите, потрошувачката и надворешната побарувачка, при што е проектиран раст од 4,1 проценти, додека бројот на вработени е проектирано да порасне за 1,9 отсто, а невработеноста да се намали.

„Во остварување на Буџетот за 2021 година продолжуваме со заложба и визија за зајакнување на економскиот раст, подобрување на стандардот на граѓаните. И да успееме и на среден и долг рок, која беше прикажана во петгодишната рамка на Буџетот, растот на Буџетот од минатата деценија, од 2 -2,5 проценти, да го издигнеме на одржлив раст од 4 до 5 отсто на годишно ниво. 2021 нема да биде лесна од аспект на економијата“, изјави Бесими.

Но, и во ова време на пандемија, постојат можности кои земјава треба да ги искористи, смета професорот Славески.

„Нашиот бизнис, секако со поддршка од државата, треба да искористи максимум од она што се нарекува деглобализација. Или селењето на некои синџири на снабдување за европските компании, од Југоисточна Азија и Кина, поблиску во регионот. Тука Македонија има компаративни предности, пред се` во областа на компании за делови од автомобилската индустрија, фармацевската индустрија“, додаде Славески.

Министерот Бесими, вели дека го имаат предвид и непредвидливиот карактер на кризата со ковид-19, и покрај позитивните случувања во насока на нејзино решавање.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG