Линкови за пристапност

Драги Ѓоргиев: Нема напредок во комисијата за историски прашања


Нема напредок во работата на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања, вели во интервју за Глас на Америка, ко-претседателот на комисијата Драги Ѓоргиев. Вели дека нема рок до кога треба да ја завршат својата работа, и оти до оној момент кога двете држави ќе сметаат дека треба да има такви комисии тие ќе постојат.

„Комисијата во последно време стои во место. Ние дискутираме, водиме разговори за разни теми кои се проблематични во едните и другите учебници, меѓутоа некаков видлив напредок нема. Рок може да биде само контрапродуктивен од она што сака да се постигне. Моментот кога една од двете страни Македонија или Бугарија или двете се согласат заедно дека работат на комисијата не дава резултати или не може да има резултати, може да ги укинат комисите, тогаш би престанале работите на тие комисии“, вели Ѓоргиев.

Во моментот се работи на забелешките за македонските учебници за седмо одделение, откако претходно ги разгледувале бугарските. Она што досега е договорено се препораките за учебниците за петто одделение во Бугарија и за шесто одделение во Северна Македонија.

„За шести клас бугарски учебници и седмо одделение македонски учебници имаме постигнато некои согласности околу одредени моменти присутни во учебниците и во двата образовни системи. Но, се додека не ги завршиме забелешките за нашите учебници, тие препораки и наши сугестии ќе останат во рамките на комисијата, а нивното објавување ќе биде, откако ќе ги завршиме нашите учебници, ќе се навратиме повторно на сите препораки и сугестии кои се досега направени“, вели Ѓоргиев.

Ѓориев вели дека и бугарската страна се согласила на промени во нивните учебници.

„Секако дека се согласија. Ние работиме на реципроцитет. Како што за учебниците за петти клас во Бугарија и за шесто одделение во Македонија имавме ист број препораки, на ист начин се работи и сега. Така што препораки има за бугарските учебници и тие се усвоени од комисијата“, вели Ѓоргиев.

Едно од најжешките прашања за решавање, а тоа е Гоце Делчев, последните шест средби воопшто не било тема на дискусија,

„Гоце Делчев ние го разгледуваме од аспект на заедничко чествување. Во однос на учебниците се уште не сме дошле до тој период, кога ќе се разгледува 19-ти и 20-ти век. Од оние дискусии кои ги имавме до последниот момент кога дискутиравме за Гоце Делчев не успеаваме да најдеме заеднички јазик и немаме никаква препорака усвоена за Гоце Делчев. Почетокот кога почнавме да дискутираме за Гоце Делчев, за заедничкото славење, излегоа во јавност инсистирањата на бугарската страна по секоја цена Гоце Делчев да биде претставен како Бугарин во таа препорака и тука најмногу се закочи работата и некои други моменти. Остануваат речиси на почеток нашите дискусии за Гоце Делчев“, додава Ѓоргиев.

Комисијата веќе даде препораки до владите на двете држави за заедничко чествување на Свети Кирил и Методиј, Свети Климент и Наум и Цар Самоил. Последната средба беше во декември минатата година, а следната од вкупно шест кои ќе се одржат во 2024 ќе биде на 15 и 16 февруари во Софија.

XS
SM
MD
LG