Линкови за пристапност

15 години од Дејтонскиот мировен договор


15 години од Дејтонскиот мировен договор
15 години од Дејтонскиот мировен договор

Со Дејтонскиот мировен договор заврши Босанската војна во поранешна Југославија. Договорот беше постигнат за време на Клинтоновата администрација во ноември 1995 и потпишан наредниот месец во Париз. Настанот беше одбележан со дискусија во Њујорк за значењето на документот за иднината.

Босна во раните 1990-ти виде едни од најстрашните борби во Европа по Втората светска војна. Српската агресија однесе околу 250 илјади животи и расели два милиони луѓе. Поранешниот државен секретар Џејмс Бејкер сметаше дека САД не треба да се мешаат, како што на почетокот тоа го правеа европските држави. Претседателот Клинтон мислеше поинаку.

Во средата во Њујорк, за време на ретроспективата на Дејтонскиот договор, Клинтон рече:

„Како прво, по Студената војна, САД требаше да го редефинираат својот однос со Европа и со НАТО. И целата наша претпоставка дека комунизмот во распад ќе доведе до експлозија на демократија , слобода, просперитет и безбедност ќе изгледаше како лага“.

Меѓу другите учесници беа американската државна секретарка Медлин Олбрајт, генералот во пензија Весли Кларк и високиот претставник на Европската унија Кетрин Аштон. Тие потсетија на свирепостите на војната и притисокот врз Србија да дојде на преговарачка маса. Тој притисок бил во економски санкции, бомбашка мисија на НАТО против српските сили и оружје дадено на невооружените Босанци.

Поранешниот американски амбасадор во Хрватска Питер Галбраит опиша што би била алтернативата на мирот:

„Можевме на овој ден да разговараме за 20-годишна босанско-хрватска војна. Можевме да ја имаме Хрватска како Кипар, со Срби кои окупираат дел од државата, и состојба на постојано непријатлство. Босна, како израз на конфликт што трае можеше да биде плодна почва за тероризам“.

Панелистите признаа дека Дејтонскиот договор не е совршен. Но дека го зачувал мирот.

Забележливо отсутен од собирот во Њујорк беше српски претставник.

Претседателите на Босна и на Хрватска кажаа дека проблемите на мирот вклучуваат невработеност, корупција, неефикасно судство, преголема владина бирократија и недоволни инвестиции.

Во завршните забелешки претседателот Клинтон кажа дека Дејтонскиот договор беше прв напор на светот по Студената војна да докаже дека луѓето може да живеат во средина каде сите страни може да се добитници. Тој изрази надеж дека ова ќе успее, но дека се` уште останува да се докаже.

XS
SM
MD
LG