Жителите и властите на Крим неделава одржаа низа настани за да ја одбележат петтата годишнина од присилното одземање на полуостровот од страна на Русија.
По инвазијата, САД и сојузниците наметнаа остри санкции кон Москва. Аналитичарите велат дека ефектите на санкциите се одразиле негативно врз рејтингот на рускиот претседател Владимир Путин.
Во февруари 2014-та година илјадници добро вооружени војници без ознаки на нивните униформи ги нападнаа украинските воени инсталации и владини згради на Крим. Јасно беше дека тие беа поддржани од Русија, но Москва негираше вмешаност.
На 16-ти март, 2014-та година новите власти спроведоа референдум и тврдеа дека над 95 отсто од гласачите избрале Крим да се врати под руска контрола. Путин ја поздрави анексијата:
„По тежок долг пат, Крим и Севастопол се враќаат во нивното пристаниште, на нивниот брег, дома во Русија.“ рече Путин пред пет години на церемонијата на Црвениот плоштад во Москва. Ова беше на само неколку недели откако завршија Зимските олимписки игри во Сочи, чиј домаќин беше Русија.
Путин неделава се врати на Крим и го пофали постигнатото. Во меѓувреме беа изградени нови електроцентрали, нов мост кој го поврзува Крим со руското копно, но го ограничува сообраќајот до украинските пристаништа. Годинава треба да започне и редовна железничка услуга.
Се чини дека жителите на Крим ги поддржуваат новите проекти.
„Сето ова е добро. Има големи градилишта насекаде. Тоа е видливо.“ изјави за Гласот на Америка жител на Крим.
По завршувањето на инвазијата, рејтингот на Путин нагло порасна. Но, тој сега паѓа брзо, откако се почувствуваа ефектите од санкциите кои ги воведоа САД, Европа и сојузниците кон Москва.
Руската аналитичарка Марија Липман вели дека економската јамка се повеќе се затегнува:
„Кримскиот синдром, или консензусот за Крим сега е јасно видлив“ вели Липман. „Пензиските реформи и зголемувањето на старосната граница за пензионирање беа моментот кога луѓето започнаа да сфаќаат, не дека тие не знаеја порано, но тие јасно почувствуваа дека работите не стојат добро.“
Во Украина наскоро ќе се одржат претседателски избори. Водечките кандидати ветија дека ќе продолжат по патот за членство во Европската унија и НАТО.
Значи ли тоа дека Путин ќе се обиде да продолжи со воената акција?
Тоа е малку веројатно, вели Владислав Иноземцев директор на Центарот за пост-индустриски студии со седиште во Москва.
„Руската политика е исцрпена со Украина. Јас дефинитивно исклучувам можност за било каква воена интервенција, затворање на Азовското Море или воени провокации во Донбас“.
САД и ЕУ неделава го повторија ставот дека тие го сметаат Крим како дел од Украина.
Критичарите велат дека неуспехот на Западот да се спротивстави на Русија во анексијата на Крим во 2014-та година довело до тоа Москва да интервенира и во други конфликти, вклучително во источна Украина и Сирија.