Линкови за пристапност

Со ослободувањето затвореници поради пандемијата не пораснала стапката на криминал во САД


Нова студија покажува дека стапката на криминал се намалила иако имало помалку апсења и затворања

Многу од големите американски градови кои ослободија затвореници за време на пандемијата на КОВИД-19 не регистрирале пораст на криминалот, покажува нова студија која ја истражува врската помеѓу криминалот и напорите да се намали популацијата во затворите за време на пандемијата.

Во извештајот, објавен во понеделникот од страна на Американската унија за граѓански слободи, се испитуваат податоците за популацијата во затворите и криминалот во 29 од најголемите градови во САД. Студијата откри дека во сите, освен во еден град - Денвер, Колорадо - стапката на криминал паднала дури и кога биле извршени помалку апсења и бил намален бројот на затвореници.

„Во овој временски период откривме дека намалувањето на популацијата во затворот функционално не е поврзано со трендовите на криминал во наредните месеци“, се вели во извештајот. „Всушност, во скоро секој истражуван град, помалку злосторства се случиле помеѓу март и мај во 2020 година во споредба со истиот временски период во 2019 година, без оглед на големината на разликата во популацијата во затворот“.

Иако други фактори, како што беше мерката за задолжително останување дома, ја намалија стапката на криминал во САД оваа пролет, извештајот најверојатно ќе го зголеми националниот притисок за намалување на затворската популација во САД, која изнесува околу 2,2 милиони. Иако тој број е помал од пред една деценија, САД остануваат светски лидер во односно на затворањето, во голема мерка благодарение на строгите закони за дрога.

„Беше важно да се погледнат податоците заради скептицизмот и дезинформациите за ослободување на луѓе за време на пандемијата“, рече Синтија Роузбери, заменик-директорка на одделот за правда на АКЛУ. „Ова треба да ги увери скептиците кои се држат до масовното затворање како благородно решение за криминалот“.

Марк Левин од Фондацијата за јавна политика во Тексас, конзервативен истражувачки центар, кој се залага за кривично правна реформа, рече дека иако има потреба да се задржат некои лица во затвор, од друга страна пуштањето од затвор може да биде ефективно.

„Во Тексас имавме, во текот на изминатите 15 години, пад од 40% на стапката на затворeници и имавме пад на криминалот од 30%“, рече Левин.

Стапките на криминал во САД паднаа во текот на пролетта, бидејќи многу луѓе се засолниле дома за да го спречат ширењето на коронавирусот.

Таму каде што се пренатрупани затворите тие се претвораат во опасни жаришта на инфекцијата, а локалните и државните власти се обидоа да ги намалат апсењата, додека некои се решија и на преземање на вонредни чекори за ослободување на затвореници, многу од нив болни и стари лица.

Сепак, од почетокот на пандемијата, повеќе од 50.000 затвореници се тестирале позитивно на коронавирусот, а повеќе од 600 починале, според проектот Маршал.

Истражувачите открија дека градовите што ги намалија апсењата и бројот на затвореници не регистрирале зголемен обем на кривични дела. Дваесет и четири од 29 окружни затвори што ги проучувале ја намалиле затворската популација од 5% до 40% во март и април. Сите забележале намалување на криминалот, покажуваат податоците на Институтот за правда.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG