Линкови за пристапност

Генетски модифицирана пченка - наместо месо?


Во геномот е додадена бактерија за да произведе амино-киселина што главно се наоѓа во месото

Американските научници соопштија дека минатата недела откриле начин за генетско модифицирање на пченка, со што растението произведува амино киселина којашто се наоѓа во месото.

Резултатот е пченка побогата со хранливи материи, од која корист може да имаат милиони луѓе ширум светот, истовремено редуцирајќи ја цената на добиточната храна. Откритието беше објавено во публикација на Националната академија за наука.

Истражувачите велат дека процесот се состои од внесување на одреден тип бактерија во пченката, со цел да се произведе метионин, амино киселина која обично се наоѓа во месото.

„Ја подобривме хранливата вредност на пченката, најмногу произведуваната земјоделска култура на планетата“, рече Томас Леустек, професор на Одделот за биологија на растенијата на Универзитетот Рутгерс и ко-автор на студијата, во изјава за Гласот на Америка. „Поголем дел од пченката се користи за добиточна храна, но во неа нема метионин, клучна амино киселина, и ние пронајдовме ефикасен начин да ја додадеме“.

Новиот метод работи со додавање на бактеријата Ешерихиа коли (E.coli) во геномот на пченката, која потоа предизвикува производство на метионин во листовите на растението. Според студијата, метионинот во зрното се зголемува за околу 57 проценти.

Научниците на Универзитетот Рутгерс хранеле кокошки со генетски модифицираната пченка, за да покажат дека таа е хранлива за нив, вели ко-авторот Јоаким Месинг.

Обично, храната за живината се подготвува како мешавина од пченка и соја, велат авторите, но во неа недостасува метионин.

„Метионинот се додава затоа што животните не растат без него. Во многу од земјите во развој каде пченката е главен дел од исхраната на луѓето, метионинот е исто така важен, особено за децата. Тој е витален за исхраната, слично како витамините“, вели Месинг.

Ако генетски модифицираната пченка биде успешно распоредена, оние кои живеат во земјите во развој „нема да мора да купуваат додатоци на метионин или скапа храна со повисока содржина на метионин“, рече Леустек.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG