Линкови за пристапност

Сеќавање на 11-ти март 1943-та


Одбележана годишнината од депортацијата на македонските Евреи во нацистичките логори на смртта.

„И денес, кога се навршуваат 71 година од депортацијата на еврејското население, скопјани не можат да ги заборават своите вредни соседи - еснафи, сеќавајќи се со носталгија на Еврејското маало, на добрите и пријателски соседски односи и на долгогодишниот заеднички живот што заемно го граделе и го негувале. Припадниците на Еврејската заедница како во минатото, така и денес, оставиле и оставаат траен белег во градењето на идентитетот на Скопје како развиен културен, стопански и образовен центар на нашава држава“, рече скопскиот градоначалник Коце Трајановски на денешното одбележување на 11-ти март, комеморативниот ден на холокаустот на македонските Евреи.

На овој ден пред 71 година, 7.144 Евреи од Скопје, Битола и Штип, или 98 % од Евреите во Македонија, биле депортирани од страна на окупаторската власт на тогашна фашистичка Бугарија во концентрациониот логор Треблинка во Полска.

По тој повод, Еврејската заедница во Република Македонија одржа низа комеморативни активности во Скопје, Битола и Штип. Во Советот на Град Скопје беше одржана комеморативна седница, а градоначалникот Трајановски организираше прием за претставници од Еврејската заедница и за странските дипломати во Македонија.

„Евреите и денес се дел од една посебна традиција, дел од соживотот, меѓусебната почит и разбирањето, токму затоа, веќе со децении жителите на Скопје заедно ги преживуваат страдањата на нивните сограѓани Евреи и токму на овој ден, во сите градови низ Републиката, од каде што биле депортирани жртвите, им оддаваат почит“, изјави на комеморативната седница претседателката на Еврејската заедница Берта Романо. Таа рече дека заедницата, што меѓу двете светски војни имала околу 3.000 членови, е дел од колективното сеќавање и од историјата на Скопје.

Делегација на Еврејската заедница и делегации на локалната самоуправа денес положија цвеќе пред споменикот на македонските Евреи во Тутунскиот комбинат, како и на еврејските и партизански гробишта во Бутел, а вечерва се одржа и комеморативен концерт на хорот на Еврејската заедница „Моис Хасон“.

Откако во спомен на депортираните македонски Евреи, делегација на Република Македонија во 2008-ма година во логорот Треблинка постави обележје со натпис „Македонија“, во март 2011-та година во Еврејското маало во Скопје беше отворен Меморијалниот центар на холокаустот на македонските Евреи, еден од четирите холокауст центри и музеи во светот, покрај оние во Вашингтон, Берлин и Ерусалим.

Вчера, токму во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија беше отворена ликовната изложба „Нови сведоци на холокаустот 3“, поддржана од Министерството за јавна дипломатија и дијаспора на Израел и Меморијалниот центар „Јад Вашем“ во Ерусалим.

За жал, и дента кога се одбележува 71 година од депортацијата на македонските Евреи, во Битола, градот од кој беа депортирани 3.000 Евреи, можеа да се видат свастики и графити со фашистичка содржина!

„Во Битола, за жал, најголем е бројот на кукасти крстови кои што Меморијалниот центар ги има забележано. Не се имуни ни другите градови, но Битола има најголем број на графити и кукасти крстови по објектите. Се надевам дека општината ќе направи напор да организира некаква работна акција, а доколку има потреба од логистичка поддршка, ние сме подготвени заедно да го направиме тоа, тие кукасти крстови да се избршат“, изјавил, според ТВ Телма, Горан Садикарио, директорот на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.

Обединетата македонска дијаспора (ОМД), пак, со соопштение ја повика Владата на Бугарија јавно да признае дека како директен резултат на соработката на бугарската фашистичка власт со нацистичка Германија за време на Втората светска војна, македонските Евреи биле депортирани и убиени, како и да ја „препознае историската улога на земјата (Бугарија, н.з.) во помагањето и поттикнувањето на холокаустот... Како членка на НАТО и Европската Унија, модерна Бугарија мора да се помири со своето трагично минато и официјално да се извини на македонската еврејска заедница", се вели во соопштението на ОМД.
XS
SM
MD
LG