Линкови за пристапност

Клучни прашања за климата сè уште се отворени, рече претседателот на Климатската конференција во Глазгов


Климатските преговори меѓу државите влегуваат во крајна фаза

Нов нацрт-договор беше објавен утрово на Климатскиот самит на Обединетите нации во Глазгов, во кој стои како земјите планираат да го ограничат глобалното затоплување на под 1,5 Целзиусови степени во споредба со прединдустриските нивоа.

Оваа цел беше утврдена и со Договорот од Париз во 2015 година, и се смета за клучна за да се избегнат најлошите ефекти од климатските промени.

Договорот мора да биде потпишан од сите страни на самитот во Глазгов, кој треба да заврши во 6 часот навечер локлано време.

Сепак, преговорите би можеле да продолжат во текот на ноќта и за време на викендов. Претседателот на Климатската конфернеција Алок Шарма ја откажа прес-конференцијата закажана за денес, додека разговорите влегуваат во клучните часови до крајниот рок, по претходните говори на делегатите на попладневниот пленум.

„Мислам дека сте слушнале во просторијата, луѓето навистина сакаат исход, но сè уште има некои критични прашања што се отворени. Има многу напорна работа“, рече Шарма на крајот од сесијата.

Претходно, говорот на делегатот од Тувалу доби долг аплауз бидејќи тој предупреди дека климатските промени претставуваат егзистенцијална закана за островот во Пацификот, истакнувајќи дека оптимизмот исчезнува меѓу ранливите држави за амбициозен договор за климата.

Неколку земји во развој побараа повеќе детали за работата на пазарите на јаглерод и посилна посветеност во финансирањето во посиромашните држави за справување со климатските промени.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG