Од средбите на високо ниво меѓу раководителот на пакистанската разузнавачка агенција, ИСИ, и раководителот на американската Централна разузнавачка агенција, ЦИА, што се одржуваат во Вашингтон, има извештаи дека пакистанските власти бараат од САД драстично да го редуцираат тамошното присуство.
Американските медиуми цитираат пакистански претставници кои велат дека сакаат САД да го намалат персоналот на ЦИА во земјата за околу 25 до 40 проценти.
Односите меѓу двете држави беа затегнати откако лице што имало договор со ЦИА убило двајца во градот Лахоре порано годинава.
САД рекоа дека Рејмонд Дејвис имал дипломатски имунитет и дејствувал во самоодбрана. Тој бил пуштен откако семејствата на жртвите прифатиле компензација.
Случајот поттикнал анти-американско расположение во Пакистан, каде јавноста веќе е против американските напади со беспилотни летала врз милитанти во пакистанскиот племенски регион.
САД би сакале да видат поагресивна акција против Талибан и милитанти поврзани со ал-Каида во пограничниот регион меѓу Авганистан и Пакистан. Проценката е од неодамнешниот извештај на Белата куќа до Конгрсот, што налути многумина Пакистанци.
Сепак, според почитуван пакистански аналитичар, Хасан Аскари, оваа последна рунда на тензии нема да ја раскине алијансата.
„Тие се обидуваат да го ре-артикулираат нивниот однос, зашто и покрај разликите меѓу нив, соработката им треба. Тие признаваат дека ќе треба да работат со другата страна за да се справат со тероризмот и авганистанските проблеми“, вели Аскари.
Портпаролот на ЦИА кажа дека разговорите меѓу Ахмед Шуја Паша и Лион Панета биле отворени и продуктивни и дека односот меѓу двете разузнавачки служби останува „солиден“.
Но, на улиците на Пакистан расте анти-американското расположение. Тој отпор кај Пакистанците резултира во регрутирање на екстремисти. Сеедно како во јавноста се прикажуваат несогласувањата, односот е далеку од она што беше, а тоа, многумина веруваат, може да влијае на тековните анти-терористички напори и војната во Авганистан.