Линкови за пристапност

Чувар на стадата, пријател на луѓето: Кучето караман сè уште го чека своето светско признавање како македонска раса


Посебноста на караманот се актуелизира во поново време. Во осумдесеттите години од минатиот век почнале првите обиди за издвојување на оваа раса како автохтона македонска
Посебноста на караманот се актуелизира во поново време. Во осумдесеттите години од минатиот век почнале првите обиди за издвојување на оваа раса како автохтона македонска

За разлика од шарпланинецот, кој се води и како српска раса, караманот е исклучително македонско расно куче, велат кинолозите кои повеќе од една деценија водат битка за негово светско признавање како автохтоно македонско овчарско куче

„Се води како овчарско куче, но е многу приврзано за фамилијата, одличен чувар е, но од друга страна, пак, има многу смирен карактер. Не напаѓа без никаква причина“, објаснува Даниел Колевски, сопственик на куче од расата караман.

Според истражувањата на кинолозите, караманот е стара раса македонско куче кое со векови било присутно на планините како чувар на домашните стада. Било насликано и на фреска од 1191 година во црквата „Св. Ѓорѓи“ во манастирот кај Курбиново.

„Несомнено е нешто што е поврзано со битот на Македонецот, неразделно нешто“, нагласува Илија Ико Каров.

Несомнено е нешто што е поврзано со битот на Македонецот, неразделно нешто
Илија Ико Каров, Кинолошки клуб МОК - Караман

Но и покрај историското значење, посебноста на караманот се актуелизира во поново време. Во осумдесеттите години почнале првите обиди за издвојување на оваа раса. Денес постои и кинолошки клубот „Македонско овчарско куче – Караман“ кој поттикнува организирано одгледување на овие кучиња.

„Мисијата на самиот клуб е зачувување на расата таква како што ја затекнавме. Знаеме дека планината со себе носи многу здрава селекција. Но, сепак имаше работи коишто организираното одгледување можеше несомнено да ги подобри во здравословен смер на кучињата“, објаснува Ико Каров, претседател на кинолошкиот клуб.

Една од поистакнатите одгледувачници за караманот е во манастирот „Св. Јован Бигорски“. Под водство на отецот Порфириј таму се одгледуваат десетина единки од ова куче.

„Ја видов таа жар што ја има Илија Ико Каров за да се возобнови расата. Така, со благослов на нашиот старец (епископ Партениј) решив да му помогнам“, вели отецот Порфириј од манастирот „Св. Јован Бигорски“.

Домашните кинолози се категорични дека караманот е единствено расно куче, чие потекло е строго врзано со македонското поднебје.

Реткост е која било раса да ја најдете само на едно место. Но, ваков караман има само во Македонија
Миливоје Урошевиќ, Меѓународен судија на кинолошки натпревари

„Тоа е самостојна македонска раса. Зошто? Затоа што шарпланинецот, којшто истовремено е македонска и српска раса, а ова ќе биде прво овчарско расно куче коешто ќе биде признаено како официјална македонска раса“, вели Јордан Христовски, претседател на Кинолошкиот сојуз на Македонија.

Главниот стремеж на одгледувачите е караманот да биде меѓународно признат и да се најде во семејството од расни кучиња при Светската кинолошка федерација (FCI). Во таа насока во изминатите пет години биле направени и зоотехнички истражувања.

„Кучиња, слични со караманот, има и во други држави. Реткост е која било раса да ја најдете само на едно место. Но, ваков караман има само во Македонија“, вели професорот, меѓународен судија и експерт за зоотехника, Миливоје Урошевиќ.

Според зоотехничките препораки, дел од главните одлики на караманот се во неговата висина, која треба да се движи во опсег меѓу 65 и 68 сантиметри. Голема е улогата и на правоаголната издолжена форма на телото што му овозможува долго движење низ планините. Но, тоа што особено го издвојува е црната боја на крзното.

„Па, караман, апсолутно. Предложивме во стандардите, белата боја практично да се елиминира. Дека може да има само мали бели ознаки во предниот дел. Затоа е подобро уште на стартот да се каже ‘бело - не’, бидејќи не ни се потребни шарени кучиња. Потребно е караманот да остане караман“, додава професорот Урошевиќ.

Постапката за меѓународно признавање трае веќе десетина години. Кинолозите се надеваат дека конечно догодина, караманот ќе стекне статус на условно призната раса

Постапката за меѓународно признавање трае веќе десетина години. Кинолозите се надеваат дека конечно догодина, караманот ќе стекне статус на условно призната раса, што потоа ќе треба и да се потврди. Од кинолошкиот сојуз велат дека за процесот има и големи трошоци.

„Би сакале државата и институциите да застанат зад овој проект. Но, Кинолошкиот сојуз од сопствени средства ги финансира сите овие проекти. Така што, доколку државата сака да има заедничка улога во ова, нема никаков проблем“, додава Христовски од Кинолошкиот сојуз.

Од Министерството за земјоделство, пак, велат дека понудиле поддршка за научни студии и истражувања за развој и за меѓународно признавање на караманот како автохтона раса. Додаваат и дека се отворени за соработка со кинолошките друштва и со сојузот.

Според програмата за рурален развој, постои парична помош за одгледување и чување карамани. Но, приматели можат да бидат само земјоделски стопанства што одгледуваат овци и кози и чии кучиња се чипирани и имаат педигре. Предвидената сума е по 2.000 денари од караман.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG