Линкови за пристапност

Кина како кампањско прашање во САД


И Обама и Ромни ветуваат поостар став спрема Кина, што не му се допаѓа на Хенри Кисинџер.

Мит Ромни упати најнова критика кон Кина на отворањето на синоќешната прва претседателска дебата, велејќи дека „ќе се справи со Кина доколку се покаже мамење“ од кинеска страна.

Употребата на ваква реторика не е невообичаена за претседателскиот кандидат на Републиканската партија, кој вети дека доколку биде избран на функцијата, уште на првиот ден, ќе ја прогласи Кина за манипулатор на својата валута.

Претседателот Обама од своја страна исто така вети заострена политика спрема оваа земја. Минатиот месец тој поднесе жалба против Кина во Светската трговска организација, тврдејќи дека Пекинг врши нечесни субвенционирања на извозот на автомобили. Ова е девета ваква акција за време на администрацијата на Обама.

Истовремено, обете кампањи изработија и рекламни пораки во кои меѓусебно се обвинуваат за политиката спрема Кина. На пораките реагираа одредени експерти кои велат дека секоја од страните очигледно се стреми да се натпреварува кој ќе употреби поостра реторика против Кина, која честопати се обвинува за загуба на американските работни места.

Ова не му се допаѓа на поранешниот државен секретар на САД, Хенри Кисинџер. Поранешниот прв дипломат кој вршел надзор на процесот на повторно ангажирање на Вашингтон со Пекинг пред 40 години вели дека двајцата кандидати користат јазик што е за осуда, нарекувајќи ја Кина измамник. Тој зборуваше во Вудроу Вилсон центарот во Вашингтон дека е загрижен што двајцата кандидати го користат напаѓањето на Кина за добивање гласови.
XS
SM
MD
LG